Олимпиец со потекло од БиХ не може да оди во Олимпиското село поради сексуално вознемирување

од Nikola Popovski

Ален Хаџиќ, мечувалец кој се натпреварува за САД на Олимписките игри во Токио, нема да може да остане со другите спортисти во Олимпиското село поради сериозни обвинувања.

Тој е обвинет за сексуално вознемирување на три жени во периодот од 2013 до 2015 година. Тие ги покренаа обвиненијата откако Хаџиќ ја избори нормата за Олимписките игри.

На Хаџиќ му беше дозволено да настапи во Токио, но американскиот тим за мечување одлучи тој сам да патува за Јапонија, да тренира сам и да биде сместен во хотел кој е оддалечен 30 минути од олимпискиот хотел.

Неговиот законски застапник тврди дека Хаџиќ не сторил никакви злосторства, но изјави дека неговиот клиент бил суспендиран на Универзитетот Колумбија во текот на академската 2013/3014 година.

Тој беше суспендиран од Федерацијата за мечување поради обвинувањата и беше отстранет од списокот на патници за Токио, но Хаџиќ поднесе жалба, која беше прифатена на суд.

Федерацијата одлучи да не му дозволи да биде со остатокот од тимот, но по новата жалба, судот делумно ја ублажи таа одлука, дозволувајќи му на Хаџиќ да биде во хотел покрај Олимпиското село.

Според извештаите на некои медиуми, други членови на мечувачкиот тим барале негово исфрлање од тимот.

Родителите на Хаџиќ се од Босна и Херцеговина, а тој е роден во САД.

Слични содржини