Еден од тројцата претставници на Македонија на претстојните Зимски олимписки игри во Пекинг, нордиецот Ставре Јада соопшти дека е револтиран од односот на општина Крушево, откако му била одобрена парична помош.
-На денешната седница на Советот на Општина Крушево ми беа доделени срамни 10.000 денари, пари со кои не можам да ги покријам основните трошоци. Пред еден месец, Општина Крушево обезбеди финансиска помош и службено возило до Босна и Херцеговина за целосно новата биатлон федерација, се пожали Јада на Фејсбук.
Тој постави две прашања до Општината.
– Дали овај е начинот на кој се поддржуваат младите спортисти од градот? Зошто Општината има двојни аршини при финансирање на спортистите? И со оваа сума на пари, јас гордо и достоинствено ќе го претставувам Крушево и Македонија на Зимските олимписки игри во Пекинг, потенцира нордиецот.
Јада е роден во Крушево и за него ова ќе биде второ олимписко учество. Тој е пријавен за настап во спринт на 1,4 километри и во маратонската трка на 50 километри.