На дваесет атлетичари, меѓу кои и десет од Нигерија, им беше забрането да учествуваат на Олимписките игри во Токио, бидејќи не ги исполниле стандардите за контрола на допингот надвор од натпреварувањата, соопшти Атлетската единица за интегритет (АЕИ).
Дваесетте атлетичари доаѓаат од земји што АЕИ ги класифицира во „А категорија“, односно ги сметаат за „високоризични“, и чии претставници мора да подлежат на допинг тестови три пати во рок од три месеци пред големо натпреварување, пренесе АФП.
Нигерија беше најтешко погодена затоа што на десет од 23 спортисти им беше забрането да настапуваат на Олимписките игри во Токио.
Франс Прес пренесува од добро информирани извори дека нигерискиот спринтер Блесинг Окагбаре, еден од кандидатите за освојување на титулата олимписки победник на 100 метри, го нема на тој список.
Нигериската атлетска федерација (НАФ) во четвртокот издаде соопштение во кое го призна „неуспехот“ и ја презеде одговорноста за сите пропусти што доведоа до овие дисквалификации, но додаде дека сите нигериски спортисти кои живеат во Соединетите држави ги поминале потребните тестови.
„Меѓутоа, неколку спортисти кои се членови на Американскиот колеџ систем се тестирани, но АМА оцени дека овие тестови не биле спроведени во согласност со бараните норми за земање и анализа“, наведува НАФ.
Други земји чии спортисти се дисквалификувани се Кенија (2), Белорусија (3), Етиопија (1), Мароко (1) и Украина (3).