Претседателот на кошаркарскиот клуб Олимпијакос, Јоргос Ангелопулос, побара итно апсење на сопственикот на кошаркарскиот клуб Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, за кого тврди дека властите го бараат поради неговото однесување за време на вториот натпревар од финалната серија на плејофот во Грчката лига.
„Во овој момент, Димитрис Јанакопулос се бара за апсење. Бараме негово итно апсење од државата. Да ја завршиме оваа бајка за тоа дека не знае каде живее“, рече Ангелопулос, како што објави вечерва Basket News.
Претседателот на Олимпијакос рече дека Јанакопулос им покажал среден прст на раководителите на Олимпијакос за време на натпреварот и ја навредил неговата ќерка.
„Влезе во салата и почна да ни покажува среден прст штом седна. Го направи тоа во Абу Даби, на нашите навивачи, но се извлече во Евролигата. Му рече на еден од нашите вработени да не се осмелува да го поздрави. Потоа, под кошот, пред полицијата и генералниот менаџер на Олимпијакос, Никос Лепењотис, кажа некои работи за мојата ќерка, што би ѝ направил додека јас гледам. Ова ме тера да повраќам. Тоа е Јанакопулос. Не сакаме луѓе како него“, рече Ангелопулос.
Лепењотис рече дека Јанакопулос ѝ се заканил на ќерката на Јоргос Ангелопулос пред обвинител.
„Двапати ни дојде на средината на теренот и рече: „Кажете му на Јоргос Ангелопулос дека ќе му ја силувам ќерката пред него“. Многу сведоци го слушнаа ова, вклучувајќи и обвинител“, рече тој.
Ангелопулос рече дека обвинителот издал налог за апсење на Јанакопулос, кој потоа избегал од салата со помош на неговото обезбедување и полицијата.
„Кога сфати дека поднесуваме тужба, избега. Се обиде да избега додека се упатувавме кон тунелот – низ ходник на салата до паркингот. Побегна додека неговото обезбедување и полицијата го штитеа. Обвинителот издаде налог за негово апсење. Се обиде повторно да влезе на теренот, потоа избега во соблекувалните и конечно помина низ тунелот СЕФ. Беше прошверцуван“, рече претседателот на Олимпијакос, кој додаде дека сè е снимено и дека државата сега има голема одговорност.
Панатинаикос потоа објави дека раководителите на Олимпијакос одбиле да реагираат додека целата сала ги навредувала Јанакопулос и неговата ќерка за време на натпреварот. Патанаикос, исто така, изјави дека клубот од Пиреја нема право да „покажува со прст“ кон него за бројните навредливи пораки што тој и неговите навивачи ги упатиле во минатото.
Олимпијакос го изедначи резултатот на 1-1 во финалето на плејофот од грчката лига, откако победи со 91-83 дома во Пиреја во неделата.