Оливер Кан го купува пропаднатиот француски гигант?

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Легендарниот германски голман Оливер Кан ги потврди разговорите кои ги започнал со француски Бордо околу евентуалното купување на акциите на пропаднатиот француски гигант.

Како што објави порталот „Sud Ouest“, Кан е во контакт со претседателот на „жирондинците“, Жерар Лопез и би можел да ја преземе улогата на еден од косопствениците на клубот, заедно со поранешниот претседател на Олимпик Марсеј, Жак Анри Еро.

„Разговорите за можното влегување во Бордо се само на почетокот. Во моментов нема што да се каже повеќе“, потврди Кан за „Билд“.

Кан е надвор од терените од април 2023 година, откако го напушти Баерн Минхен кога беше отпуштен од функцијата генерален директор, а неговото влегување во Бордо секако би било големо изненадување, со оглед на тоа што француските гиганти по банкротот се натпреваруваат во аматерската четврта лига.

Инаку, жирондинците се четврти во групата Б од Националното првенство 2 со 11 бода зад лидерот Сен Мало, но и со два натпревари помалку, додека само првото место гарантира промоција во повисок ранг.

Бордо шест пати беше шампион на Франција, последен пат во 2009 година, а испадна од елитното место во 2021 година.

Меѓу другите, за Бордо играа големи асови како Жан Тигана, Кристоф Дигари, Педро Паулета, а секако најголемото име е Зинедин Зидан.

Кан како голман на Баерн освои осум шампионски титули на Германија, а за овој клуб забележа 429 настапи во периодот од 1994 до 2008 година.

Тој беше еден од најдобрите голмани во светот на неговата генерација, но и пошироко.

Слични содржини