Во сабота, 15 октомври, во галеријата „кунстраумаркаде” (kunsraumtarcade) во Модлинг, Австрија (лоцирана во т.н. Бетовенова куќа, каде композиторот живеел извесно време) ќе се отвори двојна, заедничка изложба на бугарската уметничка Десислава Унгер, која живее во Виена и македонскиот уметник Оливер Мусовиќ со наслов „по сѐ изгледа” (to all appearences) курирана од австрискиот куратор Давид Комари, раководител на галеријата Штадпарк, во Кремс на Дунав и куратор на уметничката резиденцијална програма на Долна Австрија (AIR – ARTIST IN RESIDENCE Niederösterreich), исто така во Кремс на дер Донау, каде Мусовиќ вeќе извесно време престојува. Изложбата ќе биде отворена до 11 ноември, 2023 година.
Кураторот Комари за изложбата вели: „Изложбата претставува две уметнички позиции кои споделуваат теми за место и не–место (place/non-place). Делата на Оливер Мусовиќ се втемелени во културно-антрополошки и социо-политички перспективи, додека Десислава Унгер има поетско-асоцијативен и сценско-наративен пристап кон нејзините графики и цртежи.“
Оливер Мусовиќ на изложбата преставува две нови дела – фотографски серии – насловени „Обраснато” и „Рудерален хербариум”, реализирани на престојот во Кремс на Дунав.
Комари, понатаму вели: „Оливер Мусовиќ ја разгледува природата суштински „од внатре кон надвор”, приближувајќи се кон местото и пејзажот од речиси ботаничка гледна точка. Фотографиите на Мусовиќ ги истражуваат местата и областите на градот каде урбаното се среќава со неконтролираното – растенија и вегетација кои латентно, но незапирливо се размножуваат и шират во урбаните простори помеѓу зградите и плоштадите. За време на неговиот престој во Кремс, уметникот се фокусирал на местата каде што грубата вегетација како што се плевелите, ползавците и грмушките се шири хоризонтално, по железничките коридори, патиштата, од пукнатините во плочниците и по бреговите на реките. Но, тој исто така документирал и вертикални форми на проширување, обраснати градини, со ѕидови и огради обраснати со спонтана, самоникната вегетација. Уметникот првенствено го интересира моментот на транзиција и трансформација. Затоа, урбаните пејзажи на Мусовиќ се откриваат како простори на ре–семантизација, потенцијална реинтерпретација и поместено набљудување.”
Оливер Мусовиќ (Скопје, 1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни изложби на современа уметност низ целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Словенија, Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД, и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.