ОМД ја поздравува заложбата на четворицата сенатори, но жали за текстот: „Резолуцијата ја користи придавката „северна“ и никаде не го користи зборот „Macedonian“

од Nikola Popovski
370 прегледи

Американскиот Сенат предложи резолуција за поддршка за влез на Македонија во ЕУ. Најновата резолуција во сенатот е на барање на демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис. Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и американскиот државен секретар, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Македонија, без дополнителни билатерални услови. -Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со македонската влада, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Македонија на нејзиниот пат кон Европска унија, се вели во резолуцијата. Во резолуцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.

За ко-основачот на Обединетата македонска дијаспора и почесен претседател, Мето Колоски, церемонијална резолуција е резолуција број 581, слично на резолуцијата број 311 за месец септември да се декларира месец за македонско американско наследство.  Во разговор за „Локално“ вели дека ќе мора да се изгласа во Сенатот и да биде слична предложена во Претставничкиот дом и таму да биде изгласана за да има обрзувачка дејност на администрацијата на Претседателот, без разлика кој е.

Мето Колоски

-Сега за сега е само предлог резолуција пред комитет за надворешни работи. Ако не биде изгласана до 31ви декември, ќе треба повторно да биде предложена во 119-тиот состав на Конгресот од јануари, истакнува Колоски за „Локално“.

Жали што резолуцијата ја користи придавката „северна“ и никаде не го користи зборот „Macedonian“ за разлика од резолуцијата 311 за месец септември за македонско-американско наследство.

-Сепак е убаво четворица сенатори од вкупно 100 во Сенатот, што ја признаваат улогата што Македонија ја игра во Балканот и признавањето на членството во НАТО како и прва земја на Балканот која стана официјален кандидат за членство во ЕУ. Ја поздравувам улогата на амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Попов, кој знам работи на градење подобри врски во Конгресот, но сепак МНР одлучува што нивните амбасадори и конзули прават. Четири години немаше амбасадор на Македонија во САД, што претставува пропаст за Македонија, укажува Колоски.

Ставот на ОМД, информира Колоски, е дека протоколот потпишан во јули 2022 година каде се обврзува Македонија да направи уставни измени за да ги задоволи апетитите на Бугарија, привремено, беше катострофална одлука на Владата.

-Никој, ниту резолуција во САД, ниту Ескобар, ниту ЕУ може да гарантира дека доколку Македонија ги донеси тие уставни измени дека Бугарија, или па Грција нема да ја блокира Македонија. Македонија веќе направи голема отстапка, а за нас во ОМД, голема грешка, кога го промени името, а за возврат само доби НАТО членство а не и ЕУ, како што прашањето на референдум беше за НАТО и ЕУ членство. Први бевме во региониот што станавме кандидат во 2005, ама еве сме 2024 година. Секако дека народот е фрустриран и револтиран, ни рече соговорникот.

Вели дека ОМД не гледа партнер во овој владин состав на Македонија.

-Прст не дигнаа да помогнат во САД да се декларира септември како месец на македонско американско наследство оти се плашат од Бугарија, а тоа што го правиме нема никаква работа со Бугарија. Но видовме бугарската дипломатија ја кренавме на нозе да работи против македонската заедница во САД оти не гледаат како закана. Но во овој случај активностите на ОМД и дијаспората се закана очигледно и за овој владин состав – иначе немаше да имаме толку пречки и за регистрирање за гласање – јас лично сум спречен и дискриминиран, а камоли други. Се надевам некој ден ќе се подобрат односите помеѓу институциите на Македонија и дијаспората, наместо да не гледаат како закана, да не гледаат како партнер и амбасадор на Македонија надвор од земјата, кои работат за интересите и потребите на македонскиот народ и татковината, посочува Колоски.

Резолуција на САД со која го поддржа пристапувањето на Македонија во ЕУ е само охрабрување за Македонија, но и порака до ЕУ, рече вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според него, таа е и порака до политичките фактори овде кои заговараат дека се можни алтернативи на членството во ЕУ.

-Да, има предлог на четворица сенатори – двајца демократи и двајца републиканци на Резолуција која што ќе биде ветер во едрата на нашата држава за членство во ЕУ и тоа е многу важно, особено затоа што е поддржана од двете страни, и републиканците и демократите се едногласни, што значи дека во САД имаме апсолутен консензус за поддршка на Северна Македонија. Во Резолуцијата се спомнува и средбата на Блинкен овде во МНР, поддршката што ни ја даваат САД и се разбира ќе значи наше охрабрување да продолжиме на тој пат, меѓутоа и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза патот на Република Северна Македонија, кажа Османи.

-Преговарачката рамка е утврдена и таа ги брани нашите позиции бидејќи не дозволува историски и идентитски прашања да бидат бенчмаркови за отворање и затворање на поглавја, туку само малцински и човекови права. Очекувам по изборите да се забрза процесот и до 2030 година, РС Македонија да биде членка на ЕУ. Оваа резолуција ќе помогне во охрабрувањето на земјите-членки, додаде Османи.

Н.П.

Слични содржини