Омикрон пристигна на Балканот, во Македонија доминантен се уште е Делта сојот

од Берта Китинска
532 прегледи

Новиот сој низ светот забрзано се шири, вчера за првпат беше потврден на Балканот. Поточно, станува збор за двајца пациенти од Хрватска кои се инфицирале со новиот сој, а притоа не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.

Кај нас засега не е регистриран ниту еден случај на омикрон. Се уште доминантен останува Делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствен излез од пандемијата.

Досега во земјата се направени вкупно 1.485.944 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, бројот на оздравени пациенти е 203.967, на починати е 7.658, а бројот на активни случаи изнесува 5.775.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, во понеделникот рече дека на научниците ќе им бидат потребни уште две недели за да дознаат повеќе за варијантата „омикрон“ на коронавирусот.

Оваа варијанта се проучува многу брзо и ќе ни требаат уште две до три недели за да дознаеме повеќе. Но, Светската здравствена организација е загрижена бидејќи (омикрон) има многу повеќе мутации од која било досегашна варијанта, што значи дека постои можност да се шири побрзо и дека постои поголем ризик од повторна инфекција“, изјави Клуге.

Од друга страна, тој потсети на една варијантата „бета“ на коронавирусот, која исто така беше откриена во Африка и имаше способност да го избегне имунолошкиот одговор на вакцината, но на крајот не стана доминантна варијанта.

Запрашан зошто стапката на пренос на коронавирус е сè уште висока во Европа и покрај големиот број вакцинирани луѓе, тој рече дека вакцините не го спречуваат ширењето на вирусот, туку го штитат поединецот од сериозни болести и смрт. Така, вакцините, вели, спречуваат колапс на болниците.

Клуге ја истакна потребата да се имплементира како што го нарекува „вакцина + пристап“, кој предвидува вакцинација и истовремена примена на мерки за јавно здравје и превентивни мерки.

Запрашан дали ќе треба да се вакцинираме на секои шест месеци, Клуге посочува дека сега треба да се види што ќе се случи по „бустерот“.

„Знаеме дека имунитетот што го обезбедува вакцината опаѓа, особено од триесеттата недела по вакцинацијата, па затоа е предложен „бустер“. Сега треба да видиме што ќе се случи по него“, објаснува Клуге.

Тој посочува дека едно од можните сценарија е болеста да премине од пандемична состојба во ендемична.

„Доколку овој вирус стане сезонски феномен, како што е грипот, луѓето ќе се вакцинираат еднаш годишно. Тоа би била релативно поволна ситуација“, заклучи Клуге.

Слични содржини