ОМО Илинден – Пирин: Бугарија го призна македонскиот јазик уште пред 80 години

Здружението на Македонците во Бугарија нагласува дека во меѓународното право не постои универзално „признавање на јазик“. Договорите се единствениот механизам со кој државите создаваат правна обврска за употреба на странски јазик

од Nikola Popovski
134 прегледи Фото: Фејсбук/ОМО Илинден-Пирин

„Оспорувањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија, која деновиве најде нова причина за тоа во нацртот за правата на заедниците предложен од Македонија, извади на виделина уште еден скелет од бугарската гардероба“, велат од здружението на Македонците во Бугариј, ОМО Илинден – Пирин преку објава.

Од организацијата потсетуваат дека македонскиот јазик е официјално признат од Бугарија уште пред 80 години, а правно обврзувачки пред 70 години.

„Законот за официјализирање е меѓудржавен договор за правна помош склучен меѓу Бугарија и Југославија во Софија на 23 март 1956 година. Член 8 од него е категоричен дека за бугарската страна, документите пополнети на македонски јазик се легитимни, прифатливи и правно – обврзани да ги прифатат како важечки пред судскиот систем, обвинителството, Министерството за правда и други административни органи, вклучително и Министерството за надворешни работи.

Овој договор не е раскинат и денес продолжува да ги исполнува своите функции со државите наследнички на Југославија – Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора“, наведуваат, меѓу другото , од ОМО Илинден – Пирин преку објавата на социјалните мрежи.

ОМО Илинден – Пирин нагласува дека во меѓународното право не постои универзално „признавање на јазик“. Договорите се единствениот механизам со кој државите создаваат правна обврска за употреба на странски јазик.

„Не е изненаден од бугарската формулација „достапен јазик“ за македонскиот јазик“. Премиерот Христијан Мицкоски вели тоа е само уште една потврда дека зад барањето за уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, стои обидот за комплетно редефинирање на македонскиот идентитет.

Бугарија негира дека го спорела Акцискиот план за правата на малцинствата доставен од Македонија до ЕУ поради тоа што бил напишан на македонски јазик. Притоа во реакцијата Бугарија никаде не го именува јазикот како македонски, туку реферира на него како на јазик достапан за граѓаните и институциите во земјава. Во соопштение на бугарското МНР се наведува дека јазикот на кој ќе биде напишан документот е внатрешно прашање на Македонија.