ОН го обвинува Израел дека го прави внесувањето хуманитарна помош во Газа многу тешко, иако стотина камиони влегоа вчера од Египет

од desk2
13 прегледи

Организацијата на Обединетите нации (ОН) го обвинува Израел за поставување сериозни пречки за доставувањето хуманитарна помош со нејзини конвои, иако Израел вчера пропушти конвој од стотина камиони со хуманитарна помош од Црвената полумесечина на Египет. Како и вчера, така и денеска, Израел го почитува ветеното десетчасовно примирје за да може да се подели хуманитарната помош на Газа. Но ОН сепак нагласува дека Израел поставува сопки.

Обединетите нации велат дека Израел го отежнува доставувањето помош во Газа поради бирократски пречки и воени акции.

Израел вчера почна со дневни десетчасовни паузи во воени операции и отвори нови коридори за достава на храна и лекови во Газа, додека Јордан и Обединетите Арапски Емирати исфрлија 25 тони помош од воздух. Израел донесе ваква одлука во петокот откако се соочи со засилен меѓународен притисок.

Шефот за хуманитарна помош во ОН Том Флечер изјави дека Израел олеснил некои ограничувања и дека стотина камиони со помош вчера влегле во Газа.

ОН нагласува дека има илјадници камионски товари со хуманитарна помош која чека да влезе во Газа. Го обвинува Израел поради неможноста да се достави доволно хуманитарна помош, односно поради поставување големи процедурални и бирократски пречки.

Министерството за здравство на Газа кажа дека уште 14 луѓе починале од глад во изминатите 24 часа, а вкупно 147 од почетокот на војната.

Кога камион ќе стигне на граничниот премин, израелската војска го проверува. Ако биде одобрен, камионот влегува во Газа и го истовара товарот и ги чека другите камиони во Појасот Газа. Но, не оди сѐ лесно.

„Кога храната ќе се натовари, конвоите се заглавени и се чека до 46 часа пред да се добие конечната дозвола за движење по одобрените маршрути низ Газа“, објасни Светската програма за храна на ОН (WFP).

Ова задржување овозможува големи маси изгладнети жители на Газа да се собираат долж маршрутите на движење, дополнително компликувајќи го процесот. Кога Израел ќе дозволи камионите да тргнат, на конвоите им треба по 12 часа за да ги завршат своите мисии.

Минатата седмица, WFP објави дека побарала дозвола за 138 конвои хуманитарна помош за Газа, но биле издадени само 76 барања – односно, само малку над половина од капацитетот.
Побара отворање дополнителни гранични премини покрај сегашните два одобрени за WFP и дозволи за повеќе возачи.

Инаку, една од главните теми на денешната средба на претседателот Доналд Трамп со британскиот премиер Кир Стармер е токму кризата со гладот во Газа, рече претседателот на САД пред средбата во Шкотска.

„Нема да завземам позиција. Не ми пречи ако Стармер завземе позиција. Јас сакам луѓето да бидат нахранети“, рече Трамп пред средбата на неговиот голф-терен во Тарнбери, Шкотска.

Слични содржини