Високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Раад ал Хусеин ја повика Турција да дозволи независни набљудувачи кои ќе го следат почитувањето на правата на илјадниците приведени по обидот за преврат, пишува агенцијата “Ројтерс”.
Ал Хусеин побара Анкара да го почитува владеењето на правото и изрази “сериозна загриженост” од масовното отстранување на судии и обвинители.
“Одговорните за насилството треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да се почитува нивното право на фер судење”, пишува тој во изјавата и нагласува дека е важно да се почитуваат презумпцијата на невиност и транспарентноста во работата на судот.
“Турскиот народ смело излезе на улица, за да се заштити државата од оние кои сакаа да ја поткопаат демократијата. ја повикувам владата на Турција да возврати со почитување на владеењето на правото, да ги брани понапорно правата на човекот и да ги засили демократските институции”, рече Ал Хусеин.
“По слично трауматично искуство е особено важно да се обезбеди дека правата на човекот нема да бидат потиснати во името на безбедноста и брзината да бидат казнети луѓето, за кои се смета дека се виновни”.
Претходно денеска Советот за високо образование на Турција објави дека на сите научници им е забрането да ја напуштат земјата, а на универзитети и истражувачки центри во странство е соопштено дека размената на специјалисти запира до втора наредба.
Околу 35 000 вработени во полицијата, армијата и судството беа уапсени или суспендирани под сомневање за вмешаност во обидот за преврат во петокот.
2745 судии и обвинители биле отстранети по неуспехот на пуча, соопштија петмина независни експерти за човекови права на ОН. Околу 750 се уапсени досега.
Досега во чистката преземена по обидот за преврат од 15 јули, беа отстранети, сменети, уапсени или истрага над 59 600 лица. Министерството за образование ги одзеде дозволите на 21 000 наставници во приватни училишта.
Отстранети привремено беа 15 200 вработени на Министерството за образование, а Советот за високо образование на земјата наредил да бидат отстранети и сите 1577 ректори на државни и приватни универзитети во земјата. Турција отпушти 492 лица од Комитетот за верските прашања (Дианет) поради сомневање за вмешаност во обидот за преврат од минатата недела и врски со тероризам.
257 лица од администрацијата на премиерот, исто така беа суспендирани, како и 100 лица од државното разузнавање – од кои повеќето не биле активни агенти. Во Дианета работат над 100 000 луѓе, а во канцеларијата на премиерот Бинали Јилъдрим – околу 2600.
Одземени беа и лиценците на сите електронски медиуми, за кои се верува дека се поврзани со религиозното движење “Хизмет” на Фетхуллах Гулен.