ОН го ставаат Израел на „црната листа“ на земји поради страдањата на децата во Газа

од Nikola Popovski
591 прегледи

Обединетите нации го додаваат Израел на својата таканаречена „црна листа“ на земји кои извршиле злоставување на деца во вооружени конфликти, потврдил израелски дипломат, додека илјадници палестински деца се убиени во континуираните напади на израелската армија на појасот Газа.

Во објава на социјалните мрежи, амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан соопштил дека добил официјално известување за одлуката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Ова е едноставно нечуено и погрешно“, констатирал Ердан.

„Реагирав на срамната одлука и реков дека нашата армија е најморалната на светот. Единствениот кој е на црната листа треба да биде генералниот секретар кој го поттикнува тероризмот и е мотивиран од омразата кон Израел“.

Портпаролот на Гутереш, Стефан Дујарик изјавил дека „извештајот треба да биде претставен пред Советот за безбедност на ОН на 14 јуни, а потоа и официјално да биде објавен неколку дена подоцна“.

Годишниот извештај за децата во вооружен конфликт составува „список на страни вклучени во кршење на правата на децата“, вклучувајќи убиства и осакатување, сексуално насилство и напади на училишта и болници.

Црната листа има за цел да ги прозва страните кои злоставуваат деца. Но, други земји можат тоа да го користат за да ја ограничат продажбата на оружје на криминалци.

На листата веќе се наоѓаа Русија, Демократска Република Конго, Сомалија, Сирија и Хаити.

Високиот палестински функционер, Риад Малки ја поздрави одлуката на ОН, но рече дека потегот е задоцнет.

Групите за човекови права континуирано ги осудуваат последиците од израелското бомбардирање и опсада на Газа, што предизвика смрт на илјадници деца.

Повеќе од 36.700 Палестинци се убиени во израелските напади од почетокот на октомври минатата година, меѓу кои 15.571 дете, соопшти канцеларијата за медиуми на владата на Газа.

Експертите на ОН, исто така, соопштија дека израелските ограничувања за испорака на храна, вода и лекови предизвикаа огромна хуманитарна криза, вклучително и глад.

Претходно оваа недела, агенцијата на ОН за права на децата УНИЦЕФ соопшти дека девет од 10 палестински деца во Газа живеат во „тешка сиромаштија“.

За споредба, во 2020 година, само 13 отсто од децата во Појасот Газа живееле во тешка сиромаштија, соопшти УНИЦЕФ.

Слични содржини