ОН: Пандемијата може да ја уназади борбата против ХИВ за 10 години

од Stefanija Kuzmanovska

Пандемијата на коронавирус се заканува дa ја уназади борбата против ХИВ за десет или повеќе години, соопштија денеска од ОН.

„Глобалните цели против ХИВ поставени за 2020 година нема да бидат постигнати“, се наведува во извештајот на агенцијата на ОН за борба против оваа болест.

Додадено е дека дури и направениот напредок може да се изгуби доколку нешто не се преземе, пренесува „Гардијан“.

Податоците од 2019 година покажуваат дека 38 милиони луѓе ширум светот се заразени со вирус на човечка имунодефициенција (ХИВ), што предизвикува СИДА. Тоа е милион повеќе отколку во 2018 година, се наведува во извештајот.

Иако 25,4 милиони ХИВ-позитивни лица биле на антиретровирусно лекување во 2019 година, 12,6 милиони луѓе сè уште не добиле лекови.

Во извештајот се открива и дека светот заостанува во спречувањето нови инфекции со ХИВ, со 1,7 милиони нови случаи на ХИВ во 2019 година.

„Секој ден во следната деценија, неопходна е решителна акција за да се врати светот на вистинскиот пат за да се стави крај на епидемијата на СИДА до 2030 година“, рече Вини Бјанима, извршен директор на UNAIDS.

Слични содржини