Обединетите нации денеска соопштија дека владата на Сирија, како и другите актери, се одговорни за доцнењето на меѓународната помош за луѓето кои беа најмногу загрозени од последиците од катастрофалните земјотреси од минатиот месец.
Во соопштението на истражната комисија назначена од ОН се наведува дека „хорот на меѓународната критика“ е предизвикан од улогата и активностите на меѓународната организација веднаш по земјотресот во Сирија во кој загинаа околу 6.000 луѓе, главно во областите на северозападот на земјата, во близина на границата со Турција, кои се под контрола на бунтовниците, пренесува „Ројтерс“.
„Иако имаше многу херојски акции во најтешките моменти на страдање, бевме сведоци и на голем неуспех на сириската влада и меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации, брзо да достават спасувачка помош до оние на кои им беше најпотребна“, изјави претседателот на истражната комисија на ОН, Пауло Пинеиро.