Мартин Грифитс, заменик-генерален секретар за хуманитарни прашања и координатор за вонредни ситуации на ОН, рече дека ситуацијата во северниот дел на Појасот Газа е „ужасна“, истакнувајќи дека телата на починатите се оставени на улиците и дека луѓето се на работ на глад.
„Колегите кои успеаја да стигнат на север во последните денови опишуваат сцени на целосен ужас – лешеви оставени на патот. Луѓето со очигледни знаци на глад запираат камиони во потрага по се што може да им помогне да преживеат. Дури и ако луѓето би можеле да се вратат дома, многумина повеќе немаат домови во кои може да се вратат“, рече Грифитс на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Тој предупреди дека ризикот од глад расте од ден на ден, бидејќи ги снемува залихите на храна и вода, додека здравствениот систем е „во состојба на колапс“, пренесува Си-Ен-Ен.