Обединетите нации денеска објавија дека уривањето на браната Каховка од советската ера на реката Дњепар ќе има огромно влијание врз глобалната безбедност на храната.
Во соопштението на ОН се предупредува дека катастрофата предизвикана од уривањето на браната ќе доведе до поскапување на храната и проблеми со снабдувањето со вода за стотици илјади луѓе, пренесува „Ројтерс“.
До 700.000 луѓе зависат од водата за пиење од акумулацијата на браната Каховка.
Норвешките сеизмолози и американските сателити открија дека очигледно се случила експлозија на браната Каховка, додека Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната.
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарна помош Мартин Грифитс изјави за Би-Би-Си дека уривањето на браната може да има значителни последици за глобалната безбедност на храната.
„Ова е житница не само за Украина, туку и за светот. Очигледно е: кој и да го направил ова ја прекршил Женевската конвенција“, рече Грифитс.