Владата официјално да ги извести сите граѓани што биле жртви на нелегалното прислушување, за да можат да ја тужат државата за нарушената приватност и слобода на изразување, бара Комитетот за човекови права на Обединетите нации, во најновиот извештај за Македонија. Комитетот нема дилеми дека прислушувањето на, како што стои, илјадници граѓани, опозициски политичари и новинари го направиле државните тајни служби, но изразува загриженост што тоа се уште официјално не е признато, па жртвите не можат да бараат отштета.

– Државата треба да ги преземе сите неопходни мерки да осигура дека нејзините активности за следење се во согласност со обврските преземени со меѓународните документи, особено, треба да се преземат мерки за да се осигура дека секое мешање во правото на приватност е во согласност со начелата на законитост, пропорционалност и неопходност. Исто така треба да се осигура дека лицата кои биле незаконски следени, систематски се информирани за тоа и имаат пристап до соодветни правни лекови – стои во заклучоците на Комитетот.
Во извештајот, се посочува на ограничување на основни слободи и права и нивна неефикасна заштита, особено во делот на слободата на изразување и собирање, прекумерна употреба на сила од страна на полицијата на протестите од 5 мај, дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, забрана за излез на Ромите од земјата, условите за мигрантите и барателите на азил.
Се забележува и за процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста, воведени со последните законски измени.
– Државата треба да избегнува понатамошно спроведување на какви било кампањи со кои се стигматизираат оние кои го користат правото на абортус. Треба да преземе конкретни мерки, вклучувајќи измена на Законот за прекинување на бременоста, за отстранување на сите пречки кои можат да придонесат жените да бараат нелегални абортуси кои ќе ги изложат на ризик нивните животи и здравје – стои во заклучоците.
Комитетот за човекови права на Обединетите нации го сочинуваат 18 независни експерти кои го следат практикувањето на правата и слободите гарантирани со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, во сите земји членки на Организацијата. Од Македонија се очекува во рок од една година да ги информира што е преземено во однос на препораките.
Соопштение за извештајот испрати Хелсиншкиот Комитет, со оценка дека тој покажува очигледно назадување на државата во остварувањата и заштитата на човековите права.
извор: 24 Вести