ОН: Во Украина досега убиени повеќе од 10.000 цивили

од Vladimir Zorba

Повеќе од 10.000 цивили се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, а околу половина од неодамнешните смртни случаи биле далеку зад првите линии на фронтот, соопшти во вторникот канцеларијата за човекови права на ОН.

„Десет илјади цивилни жртви се тажна бројка за Украина“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОН во таа земја, Даниел Бел.

Според неа, се очекува вистинскиот број на убиени цивили да биде „значително поголем“.

Повеќето од смртните случаи биле предизвикани од експлозивни направи и оружје, како што се гранати, проектили и касетни бомби, тврдат ОН.

Речиси половина од загинатите во изминатите три месеци ги загубија животите далеку зад линијата на фронтот, а ОН го припишуваат тоа на употребата на ракети со долг дострел од страна на руската војска.

ОН укажуваат и на фактот дека постарите луѓе сочинуваат непропорционален број на убиени, најверојатно затоа што не можат или не сакаат да ги напуштат своите домови и да заминат на побезбедни места.

Повеќе од една третина од жртвите се луѓе над 60 години, иако оваа возрасна група сочинува само една четвртина од населението.

Русија ги отфрла обвинувањата за намерно гаѓање цивили.

Слични содржини