
Епидемијата од новиот коронавирус доведе до загуби во меѓународниот сектор за туризам во вредност од 320 милијарди долари. Ова е трипати поголема загуба предизвикана од светската економска криза во 2009 година, според Светската организација за туризам на Обединетите нации (UNWTO).
Бројот на туристи е намален за 300 милиони заради наметнатите ограничувања и практично целосно затворање на државите. Во периодот јануари – мај, туристичките патувања во странство ширум светот се намалија за 56% во однос на истиот период лани. Бројот на патувања само во мај се намали за 98% во однос на мај 2019 година.
Генералниот секретар на организацијата, Зураб Пололикашвили, ја истакна потребата што поскоро да се врати меѓународниот туризам, бидејќи ситуацијата во секторот за туризам ги загрозува животите и приходите на милиони луѓе.
Откако Светската здравствена организација прогласи пандемија на коронавирус на 11 март, многу земји воведоа строги ограничувања на социо-економската сфера – затворени се продавници, ресторани и спортски клубови. Масовните настани беа забранети, а туризмот практично запре откако беа воведени забрани за патувања, што доведе до сериозни економски последици.