Камерунскиот голман на Манчестер Јунајтед, Андре Онана е добитник на овогодинешната награда на Меѓународниот сојуз на професионални фудбалери (ФИФПРО) за хуманитарна работа, соопштено е денеска.
„Неговата фондација обезбедува бесплатни медицински услуги и операции низ субсахарска Африка, помагајќи им на речиси 500 деца годишно“, се вели во соопштението на ФИФПРО на социјалната мрежа Х.
ФИФПРО донираше 10.000 долари на фондацијата на камерунскиот голман.
„На пат кон Манчестер поминав низ Барселона, Амстердам и Милано. Попатно запознав луѓе кои ми помогнаа да застанам на нозе. Никогаш не заборавив на помошта што ја добив и затоа чувствувам одговорност да им помагам на другите“, изјави Онана, според официјалната веб-страница на ФИФПРО.
Кога ја основав фондацијата Андре Онана, идејата беше да им помогнам на слепите деца во Камерун, додаде голманот на Манчестер Јунајтед.
„Добивме голема поддршка и оттогаш таа прерасна и стана невладина организација која обезбедува услуги за деца и возрасни од сиромашните заедници. Донесуваме лекари и хирурзи, главно од Шпанија, да оперираат во Африка. Во јули оваа година, им помогнавме на над 350 луѓе во Јаунде. Во последните три години направивме над 1.200 операции“, додаде Онана.