Опаѓа довербата во ЕУ, Бугарија се смета за најголема закана, покажува анкетата „Еврометар“

од Nikola Popovski
172 прегледи

Пад на поддршката за европската интеграција на Република Северна Македонија, покажува анкетата „Еврометар“, коja на крајот на 2022 година ja спроведе „Евротинк“, домашна тинк-тенк организација.

На прашањето дали влезот во ЕУ е добро за земјата, 49 отсто одговориле потврдно, што е најниско ниво од 2014 година и намалување за 20 процентни поени од 2021 година, а 28 отсто категорично не се согласуваат. Резултатите покажуваат дека само 17 отсто од граѓаните сметаат дека ЕУ има фер, пријателски и коректни односи, а 65 отсто сметаат дека односот на ЕУ е нефер.

Во исто време, 58 отсто сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива за земјата, а 33 отсто сметаат дека Република Северна Македонија треба да бара свој развоен модел надвор од ЕУ.

Вкупно 29 отсто од граѓаните сметаат дека Република Северна Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, според 12 отсто тоа би можело да се случи во следните 5 години, а 16 отсто сметаат дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе се случи во следните 5 до 9 години.

Резултатите од истражувањето покажуваат и дека 61 отсто од испитаниците веруваат дека во Северна Македонија нема демократија, а 53 отсто сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, покажуваат резултатите од „Еврометар“.

Испитаниците се поделени во мислењето за тоа дали Северна Македонија ќе направи измени на својот устав – 38 отсто од испитаниците одговориле со „да“, а 39 отсто со „не“.

Според резултатите, 37 проценти од испитаниците ја посочиле Србија како „земја или меѓународна организација која е најголем пријател на Северна Македонија“, потоа САД со 11,4 проценти, Турција – 8,5, ЕУ – 8,1, Германија со 4 по центи, а 11,6 отсто одговориле дека земјава нема пријатели.

Според 42 отсто од испитаниците, постои држава или меѓународна организација која претставува закана за Северна Македонија, додека 53 отсто сметаат дека нема.

Од оние кои веруваат дека постои земја или меѓународна организација што претставува закана за Република Северна Македонија, 27,6 отсто посочиле дека тоа е Бугарија, а 4 отсто Русија.

Армијата ужива највисок степен на доверба во земјата, додека судскиот систем и обвинителството имаат најнизок степен на доверба.

Анкетата на Еурометар агенцијата Брима ја спроведе телефонски во периодот од 12 до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници.

Слични содржини