Турската влада забрани на медиумите во земјата да објавуваат информации околу истрагата на нападот во Анкара. Ќе затвори ли Европа очите за случувањата во Турција, прашува DW.
Во Турција продолжува истрагата на бомбашкиот напад во Анкара, загинаа десетици луѓе. Во исто време, Владата презеде мерки за наметнување на информациско затемнување – со судска наредба се забранува на турските медиуми да објавуваат какви било информации за текот на истрагата. Се забрануваат експлицитно и секакви критични проценки на оваа тема. Овој чекор претставува отворено кршење на турскиот устав.
Од една страна, навистина е важно да не се дозволи истекување информации, што може да влијае негативно на истрагата. Но не може тоа да се користи како повод за наметнување на информациско затемнување на оваа тема. Не за првпат турската влада прибегнува кон такви мерки. Ниту пак ќе му е последен пат.
Во потрага по жртвено јагне
По нападот на 10 октомври Турците се обидуваат да си објаснат што се случило и зошто. Политичкото раководство на земјата очигледно не сака да ја преземе одговорноста да објасни што се случило. Додека опозицијата повикува отворено за оставка на Владата, владејачката “Партија на правдата и развојот” (АКП) не ја дозволува дури и мислата за такво нешто.
Во пресрет на изборите на 1 ноември, забраната ќе ја уништи и ретката останата доверба во владејачката партија АКП. Отпуштањата на неколку полициски шефови создаваат чувство дека Владата бара жртвено јагне, наместо да ги бара вистинските виновници за нападот. А наметнувањето забрана да се објавуваат информации за истрагата само ја влошува дополнително ситуацијата.
Игра со оган
Само по неколку дена германската канцеларка Ангела Меркел ќе допатува во Турција на разговори со претседателот Реџеп Ердоган и премиерот Ахмет Давутоглу. Европа во моментов има многу проблеми, а европските лидери бараат итно решение на бегалската криза. Во таа смисла Турција може многу да им помогне ако се најде начин бегалците да не продолжуваат патот кон Европа.
Во исто време не смееме да заборавиме дека демократијата, човековите права и слободата на говорот се фундамент на Европа. Ќе ги жртвува ли таа сега овие свои вредности, ако ги затвори очите за случувањата во Турција, за да постигне договор со Анкара за бегалци? И ако одговорот е “да”, тогаш Европската унија се впушти во една многу опасна игра со Турција.