Руски борбен авион пресретнал полски авион кој патролирал за граничната агенција на Европската унија над Црното Море, поради што пилотите привремено ја изгубиле контролата над леталото, соопшти во неделата официјална Варшава.
Според полските гранични сили, рускиот авион Сухој Су-35 не успеал да воспостави радио контакт пред да изврши „агресивни и опасни маневри, трипати приближувајќи се кон авионот на граничната стража без да ја одржи потребната безбедносна дистанца“.
„Полскиот авион доживеа значителни турбуленции, а екипажот привремено ја изгуби контролата над леталото и ја загуби висината“, се вели во соопштението.
Од Варшава соопштија дека рускиот авион летал непосредно пред носот на авионот и му се доближил на растојание од „околу пет метри“.
Во саботата вечерта, романското Министерство за одбрана, кое прво извести за инцидентот, го осуди „агресивното и опасно“ однесување на Москва.
Романија соопшти дека авионот на полската гранична полиција бил на рутинска патрола на Фронтекс со романската гранична полиција во петокот кога бил пресретнат.
Полскиот авион потоа безбедно слетал во Романија.
„НАТО ги стави во состојба на готовност романските и шпанските авиони кога се случи инцидентот“, се додава во романското соопштение.
„Инцидентот се случил „во меѓународниот воздушен простор над Црното Море“, на околу 60 километри источно од воздушниот простор на Романија“, соопштија од Министерството.
„Овој инцидент е уште еден доказ за провокативниот пристап на Руската Федерација во Црното Море“, додаваат од официјален Букурешт.
Полскиот авион е распореден во Романија од 19 април и таму треба да остане до 17 мај, како дел од операцијата на Фронтекс организирана од Романија, во која се вклучени и Шпанија и Шведска, пишува агенцијата Франс прес (Франс прес).