Опасни мутации и недоволни количини на вакцини

од Stefanija Kuzmanovska
3,6K прегледи

Според институтот Роберт Кох, во последните 24 часа во Германија, 16.417 лица биле заразени со коронавирусот, а 859 лица починале. Од почетокот на пандемијата во Германија, починале 50.642 лица.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека Германија нема да ја следи Велика Британија во одложувањето на вторите дози за да може да вакцинира што повеќе луѓе, но ќе се придржува до предвидената временска рамка. Шпан исто така рече дека Германија се соочува со бавен почеток на вакцинацијата, која започна пред скоро еден месец. Инфраструктурата е подготвена – но нема доволно вакцини.

Велика Британија беше прва во Европа што започна со вакцинација, а досега 5,4 милиони луѓе ја примиле првата доза на вакцината. Во меѓувреме, практиката беше критикувана од повеќе страни – да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе со првата доза, за сметка на одложување на навремената администрација на втората неопходна доза.

Британската мутација е позаразна и смртоносна

Разни мутации на коронавирусот во Велика Британија, Јужна Африка и Бразил ја загрижуваат меѓународната заедница со недели и се прашуваат дали постојните вакцини се ефикасни против нив.

Британската мутација на вирусот продолжува да се шири низ целиот свет, а сега е регистрирана во најмалку 60 земји. Британската мутација, која е позаразна, се чини дека е поврзана и со повисока стапка на смртност, рече премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, на прес-конференција во петокот. Влијанието на овој нов вид во голема мера доведе до тоа Националната здравствена служба да биде под голем притисок, рече Џонсон.

За мажите на возраст од околу 60 години, ризикот од смрт е 10 на 1.000 со коронавирус, а тоа се искачува на 13-14 на 1.000 заразени со новиот вид на вирус, изјави научниот советник на британската влада, Патрик Валенс. Затоа, се чини дека новиот вид е околу 30% повеќе смртоносен, но научниците велат дека тестовите се уште се во прелиминарна фаза. Валенс рече дека сака да нагласи дека постои голема несигурност во врска со тие бројки и дека треба уште да се работи на нивно разјаснување. Слично реагираше и Светската здравствена организација.

Бразилска мутација

Особено загрижува мутацијата Е484К, што е вообичаена за јужноафриканските и бразилските видови на коронавирус. Германија исто така бележи изолирани случаи на британски и јужноафрикански видови на корона на нејзината територија.

Првиот случај на бразилска мутација на коронавирусот во Германија е откриен кај лице кое се вратило од Бразил, објавија властите на сојузната покраина Хесен. Завчера, лицето добило позитивен тест за тој вид на корона, кој се смета за многу заразен, истиот ден кога пристигна со авион од Бразил, изјави пред новинарите регионалниот министер за социјални прашања, Каи Клосе.

Видот од Бразил е забележана и во Јапонија кај четири лица кои дошле од таа јужноамериканска земја, според Светската здравствена организација (СЗО).

Проблеми со производството на вакцини во Белгија

AstraZeneca и Универзитетот Оксфорд ќе ја снабдат Европската унија со помалку вакцини против коронавирус отколку што првично беше планирано.

Европската агенција за лекови (ЕМА) допрва треба да ги одобри вакцините на AstraZeneca и Оксфорд: ЕМА доби барање за одобрување на 12 јануари, а потоа изјави дека може да донесе одлука на 29 јануари.

„Ако добиеме одобрение во ЕУ, првите количини ќе бидат помалку од првичните планови поради падот на производството на една производна точка за нашиот европски синџир на снабдување“, изјави портпарол на AstraZeneca.

Набргу потоа, високиот претставник на ЕУ даде за „Ројтерс“ попрецизни информации. Соодветно на тоа, во првиот квартал, AstraZeneca ќе испорача околу 60 проценти помалку од планираната количина вакцина – 31 милиони парчиња. Нема нови информации за состојбата во вториот квартал. AstraZeneca требаше да достави околу 80 милиони дози вакцини на Европската унија во првиот и вториот квартал. AstraZeneca наведе тешкотиите во производството во фабриката на партнерите Новасеп во Белгија.

Има проблеми со испорака на договорените количини со вакцината на Бајонтек – Фајзер во ЕУ. Незадоволството расте во некои земји поради тоа, а Италија дури и се заканува на Фајзер со тужба. Американскиот производител Фајзер минатата недела објави дека ќе ги намали испораките во следниот месец, а причина за тоа се работите за реновирање на фабриката во Пурс, исто така во Белгија.

Слични содржини