Опипување на пулсот за предвремени избори: „СДСМ лажно се сили, ВМРО-ДПМНЕ покажува непотребна надуеност“

од Nikola Popovski
435 прегледи

Дискусијата и реториката за предвремени парламентарни избори изминативе денови се поактуелна како тема. Прво, Европскиот фронт тоа го побара поради како што обвинуваа дека земјата ја води влада без етнички легитимитет, а Ахмети испрати и писмо до меѓународниот фактор, а потоа и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница упати покана до СДСМ за избори ако се сигурни во нивните политики. Лидерот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче ја прифати фрлената ракавица и порача дека се спремни за предвремени избори и дека според нивните анкети незадоволството од неколкумесечното владеење на новата влада кај граѓаните било евидентно. За Филипче повикот на Мицкоски е кокетирање со ДУИ и порака која е упатена пред сè до ВЛЕН и до ЗНАМ за кои лидерот на СДСМ вели дека имаат маргинализирана улога и преполовена поддршка.

Во јавноста се поставува дилемата дали поранешната владеачка во моментов може да ги одмери силите на изборната сцена преку амбиции за централната власт. Дел од поранешните членови на партијата од „Бихаќка“, како и аналитичари не се согласуваат дека СДСМ може да стори такво нешто. Еден од основачите на партијата и поранешен министер, Ѓунер Исмаил смета дека прифаќање на предвремени избори во ваква ситуација е чудна епизода и ништо повеќе. Не верува дека СДСМ би можел сега во моментов да стори нешто повеќе од тоа што го има, дури и да се случи ВМРО-ДПМНЕ да го прифати предлогот.

Ѓунер Исмаил

-СДСМ има толку позиции во Собранието, неколку градоначалнички места и тоа е се. СДСМ во моментов не би имал капацитети да се носи со инерцијата на гласачкото тело, кое што гласаше онака како што гласаше во месец мај. СДСМ не е ништо посилна отколку што беше пред изборите во месец мај. Дури мислам дека според некои показатели, е во послаба позиција, со оглед дека таму допрва тече процесот на рекомпонирање и преформулирање на сите елементи кои што ги краси една партија. Доколку СДСМ се согласи да влета во избори како што се декларира барем, би им се повторил месец мај, вели Исмаил во разговор за „Локално“.

За повикот на премиерот за евентуални предвремени избори за краток период пос редовните, што е сличен потег на екс-премиерот и негов поранешен сопартиец, Никола Груевски, Исмаил посочува дека тоа е една непотребна и некултурна надуеност, иако станува збор за политика.

-Мицкоски е свесен за надмоќната позиција и големата поддршка во Парламентот и локално ниво и тоа е првично еден провинцијален триумфализам, заклучува соговорникот.

Сличен став споделува и поранешната пратеничка во Собранието и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Софија Куновска. Речиси е сигурна дека никому не му се прифатливи предвремени парламентарни избори и оценува дека оваа тема се користи само за дневно-политички мачо-маневар, во смисла на тоа кој е кукавица, а кој е храбар.

Софија Куновска

-СДСМ нема комплетирано раководство со месеци, анкетите укажуваат на уште послаб рејтинг од последните избори, идентитетски партијата е разобличена. Евентуални парламентарни избори заедно со локалните ќе го докрајчат и тоа малку што е останато од СДСМ. Затоа, наводната подготвеност на Венко Филипче за предвремени парламентарни избори е лажно силење од немајкаде и е дел од опозицискиот фолклор кој е наменет за јакнење на перцепцијата дека СДСМ се консолидира, што всушност нема допирна точка со реалноста, тврди Куновска во разговор за „Локално“.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, смета Куновска, иако има старт далеку под очекувањата на јавноста, нема од кого да биде загрозен.

-Се чувствуваат комотно со мнозинство кое постојано има тенденција да се зголемува заради политичкиот нокдаун во кој се наоѓаат коалициите на ДУИ и СДСМ и делумно заради клиентелизмот во политиката. Христијан Мицкоски нема никаков интерес да оди на предвремени заедно со локалните избори, бидејќи таков потег само ќе го поистовети со природата на Груевски и ќе му штети на рејтингот кај меѓународниот фактор, наведува поранешната пратеничка.

Оттука, нејзините проценки се поблиски до тоа дека предвремени парламентарни избори се можни една година после локалните избори, доколку се остварат проекциите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари голема победа.

Дека СДСМ е се уште во почетна фаза на опипување пулс, тврди и аналитичарот и новинар, Зоран Иванов. Дециден е дека на најголемата опозициска партија ѝ е прерано за избори.

Зоран Иванов

-Нема ниту мотив за тоа ниту кај членството и уште помалку кај граѓаните гласачи. Но„предвремени“ еве, се фина тема за забава посебно за власта на која секоја тема и е во корист за јавна полемика освен реформи, плати, здравство, социјала и слично и ако СДСМ отсега на ВМРО-ДПМНЕ му парира , му прифаќа полемики на тема “предвремени“, практично ѝ оди на рака на власта која, еве, се повидливо атрофира со ветувањата за големи постизборни промени на подобро. Напротив, објаснува Иванов во изјава за „Локално“.

Оттаму, додава Иванов, подобро ќе биде СДСМ да си се консолидира полека, да пушти граѓаните да ги согледуваат нереалните и лажните ветувања на ВМРО- ДПМНЕ, да ги разобличува катадневно, да го следи она што е во јавноста и полека и темелно да се подготвува за редовни парламентарни, а првиот тест за СДСМ, ќе бидат, секако, локалните догодина.

Наместо избори, да ги засукаме ракавите и да работиме во интерес на граѓаните. Премиерот Мицкоски вчера рече дека не гледа потреба да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните в година. Тврди дека ВМРО-ДПМНЕ уште утре е подготвено за изборно соочување, но тоа ќе значи нови трошоци и застој на реформите само за, како што вели, социјалдемократите да се соочат со нов поголем пораз.

Коалицискиот партнер во Владата, Билал Касами на иста линија со премиерот. И тој смета дека власта има стабилно мнозинство и дека во моментов на државата не и се потребни нови избори. ВЛЕН веќе се подготвува за локалните избори и ги мерка општините кои ги раководи ДУИ.

Н.П.

Слични содржини