ОПМ: Правата на потрошувачите не се загрозени со замрзнување на цените на лебот

од Vladimir Zorba
545 прегледи

Организацијата на потрошувачи ја поддржува најновата одлука на Владата со која производителите се обврзуваат да произведуваат и  да стават во промет бел и полубел леб по најмногу 33 денари. Потсетуваат дека од нивна страна уште пред неколку дена беше посочена како неопходна, мерката за замрзнување на цените на основните продукти, меѓу кои е лебот па оттаму велат дека новата обврска е единствениот правилен чекор за поголема сигурност на потрошувачите во услови на растечка сиромаштија.

„Правата на потрошувачите при замрзнување на цените не се загрозени, напротив, сметаме дека на некој начин има поголема сигурност за потрошувачите, од аспект на нагло зголемување на цените, дури и на дневно ниво кое се случуваше во изминатиов период“, велат за „Локално“ од Организацијата на потрошувачи.

Апелираат производителите на леб да си ги преиспитаат одлуките, повикувајќи на солидарност, но пред се на одговорност во ситуација на очигледно неводење сметка за нарушениот животен стандард на поголемиот број од граѓаните.

„Ова е особено важно имајќи го предвид податокот, од анализата на  УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ дека  33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија и дека Индексот на трошоци на живот во 2022 година во Северна Македонија пораснал за 14%,  храната во просек пораснале за 22%, а цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%, па оттука очекуваме дека и самите произведители ќе бидат доволно солидарни и ќе ги преиспитаат своите одлуки“, децидни се од ОПМ

Токму овие статистички податоци се меѓу аргументите кои и Владата ги посочи како поткрепа на одлуката да  испрати инпекции на терен во контрола на состојбата со цената на лебот. Острите тонови коишто беа разменети со производителите засега немаат конкретен одек, но се чини дека првиот срамежлив сигнал синоќа го испратија претставниците од мелничко пекарската индустрија изјавувајќи дека очекуваат повик од Владата. Предлагаат и можно решение.

Треба да се изнајде еден леб со одредена грамажа кој ќе биде социјална категорија кој ќе биде месечен, во хартија, за да се запази тој социјален аспект за наслението, да има најефтин леб на пазарот, а да се ослободат другите лебови за да можат компаниите да функционираат “, изјави за ТВ Телма Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарската индустрија.

Во меѓувреме, додека трае оваа „војна на нерви“ меѓу  Владата и производителите , рафтовите   во продавниците на кои стои  лебот, трет ден  се празни. Се помалку има брашно како и квасец. Социјалните мрежи се полни со напатствија за подготовка на тесто, но и со досетки и шеги за ситуацијата која најмногу ги погоди Скопјаните .

Времето ќе покаже кој ќе се смее последен, а граѓаните се надеваат дека овој пат нивната насмевка ќе биде најширока.

К.В.С.

Слични содржини