Опозицијата одбива да биде дел од групата за уставни измени, Муслиу: За првпат имаме внатрешен спор, а не надворешен

од Nikola Popovski
240 прегледи

Денеска истекува рокот во кој претставниците на политичките партии можат да предложат свои претставници на работната група која треба да ги подготви измените на Уставот на државата. И додека СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците номинираа свои експерти, речиси сите опозициски партии, предводени од ВМРО-ДПМНЕ одбија или го условуваат учеството во оваа група. Иако од партијата на Христијан Мицкоски уште од претходно категорично изјавија дека нема да бидат дел од процесот, секоја од помалите опозициски пред неколку дена излезе со свои причини и поводи зошто нема да испрати свој човек. Оттука се поставува прашањето што придонесува за ваквиот став на опозицијата, особено помалите партии и дали ваквиот нивен став од ЕУ може да биде карактеризиран како „антиевропски“?

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во разговор за „Локално“ вели дека генерално има партии кои ги доживуваат како европски.

Алберт Муслиу

-Имаме една партија која ја доживуваат како антиевропска, која не е ниту за атлантски, ниту за европски интеграции и таа ја гледаат. Сепак, имаме и Либерална партија, таа не е антиевропска, можеби е помала, но со јасна европска ориентација. Има и парламентарни и вонпарламентарни партии кои се проевропски и со нивното дејстуввање и со нивните ставови и има помали партии кои се антиевропски. ЕУ не е виртуелна, таа реално знае што се случува во Македонија, ни рече Муслиу.

Околу одбивањето на помалите партии да бидат дел од групата за уставните измени, аналитичарот укажува дека помалите партии кај нас се влечат со поголемите.

-Затоа сугестија уште пооддамна била дека тие што сакаат да се етаблираат во политичкиот живот, треба да се испробаат и сами во изборниот процес, а не само да се приклучуват кон поголемите партии. Ако ништо друго, барем за локалните избори. Ретки се случаите и таквите имаат поголем број пратеници во однос на другите затоа што поголемите партии знаат тоа да го ценат. Ова со групата зависи дали имаат и такви кадри. Тие се помали партии, а во комисијата треба да се експерти, а не само претставници на партии, посочува Муслиу.

Соговорникот одговори и на предлогот на лидерот на ДС, Павле Трајанов за евентуално организирање на референдум за уставните промени. Според него, тоа не е потребно во моментов.

-Трајанов можеше да го предложи и во 2017 година кога се потпишува Договорот со Бугарија, но тогаш не го направи бидејќи беше дел од владеачкото мнозинство. Тие нагли промени во политичките ставови за мене се невкусни, во зависност дали се дел од власта или не, наведува Муслиу.

Додава дека би имале внатрешен спор, а не надворешен доколку не ги продолжиме преговорите со ЕУ и отворањето на Поглавјата.

-Ние немаме надворешен спор, туку внатрешен. За првпат е ова од почетокот на наша евроинтеграција, каде нашето напредување зависи токму од нас. И тие што ќе се трудат да го префрлат на европските партнери ќе грешат затоа што ние немаме други опструкции. Ако ги спроведеме уставните промени, почнуваме со отворање на Поглавјата. Тој наратив дека ние ќе имаме спорови е погрешен, имаме внатрешен спор кој треба да се реши, заклучува Муслиу.

Н.П.

Слични содржини