Опозицијата во Приштина остро ја критикуваше изјавата на Гервала дека ЕУ е „хартиен тигар“

од Vladimir Zorba
354 прегледи

Опозицијата во Приштина силно ја критикуваше изјавата на министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц дека без САД и НАТО, ЕУ е „хартиен тигар во однос на безбедноста“.

„Без САД и НАТО, ЕУ е хартиен тигар кога станува збор за безбедноста. Бидејќи ЕУ тоа го знае, прибегнува кон отстапки“, рече Гервала во саботата на меѓународната конференција „Дубровник Форум“ и оцени дека таквата политика е крајно опасна, бидејќи со отстапки ЕУ го „кани“ Путин да ескалира.

Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, веднаш одговорија на нејзините тврдења и го изразија своето несогласување, а критики упати и опозицијата од Приштина.

Претставникот на Демократската партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, денеска објави дека дипломатијата на Приштина доведе до тоа дека меѓународната заедница го гледа Косово за противник, а Србија за партнер, пренесе Танјуг.

Потпретседателот на ПДК, Вљора Читаку, изјавата на Гервала ја нарече игнорантна, наведувајќи дека терминот „хартиен тигар“ го користел кинескиот комунистички лидер Мао Це Тунг, кој така ги нарекол САД.

„Каква неодговорност, помешана со мегаломанија и незнаење. Всушност, овие три работи обично одат заедно“, напиша Читаку на Фејсбук.

Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири во објава на Фејсбук порача дека јавната дипломатија уште еднаш ја доведе Приштина во директен судир со Западот, САД и ЕУ.

Тој рече дека никој не верува дека Косово може да падне „на ова ниво“.

Портпаролката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Сибељ Хаљими, оцени дека во мизерната и опасна ситуација, Гервала ја донела Приштина, со нејзините коментари, против ЕУ.

Таа рече дека додека Приштина минува низ црни денови под санкциите на ЕУ, министер бара од ЕУ да полага сметки поврзани со безбедноста.

„Потопена во илузорни погледи на паралелен свет, таа доби заслужен одговор од пратениците Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар“, изјави Хаљими.

Слични содржини