Словачкиот опозициски лидер, Михал Шимечка денеска започнува со гласање недоверба на левичарско-националистичката коалиција, обвинувајќи го премиерот Роберт Фицо дека подготвува терен за излез на земјата од Европската унија. Обидот на опозицијата да ја собори владата најверојатно ќе пропадне затоа што мнозинството, колку и да е тенко со оглед на тоа што падна на 76 места во парламентот од вкупно 150, се очекува да го поддржи Фицо.
За време на војната во Украина, Фицо се обиде да ги задржи врските со Русија и ја прекина официјалната воена поддршка за Киев. Тој е критичар на санкциите наметнати на Русија, а на крајот на годината дополнително ги заостри односите со Киев, кој го запре транзитот на руски гас преку Украина, предупредувајќи ја јавноста во земјата дека тоа ќе ја чини Словачка 1,5 милијарди евра во повисоки цени и губење на транзитните такси.
Фицо, лидер на левичарската партија Смер-ССД и премиер на Словачка во четири мандати, исто така рече дека Словачка мора да се подготви за „сите можни кризни ситуации“ со кои ЕУ може да се соочи во блиска иднина, вклучително и распадот на европскиот блок.
„Ова не може да се толкува на друг начин освен како што предупредувавме: дека владата предводена од партијата Смер го подготвува теренот за излез на Словачка од Европската унија“, рече Шимечка, лидер на најголемата опозициска партија, Прогресивна Словачка.
„Сметам дека ова е егзистенцијална закана за нашите национални интереси и тоа е доволно за да и изгласаме недоверба на владата“, рече Шимечка во парламентот.
Фицо возврати дека надворешната политика е одредена од членството во НАТО и ЕУ, но дека Словачка не може да биде „статична“ во светот кој брзо се менува.
„Што ако група од три или четири најголеми земји рече, дами и господа, или ќе бидеме супердржава каде што ќе го изгубите целиот национален суверенитет или ќе одите по својот пат? – изјави Фицо. „Зборуваме за развој кој може да се случи многу брзо“, посочи тој.
Тој го повтори своето противење мнозинскиот принцип да се применува на се повеќе области во ЕУ наместо едногласно одлучување. Ова, предупреди, ќе ја ограничи моќта на националното вето.
Словачката опозиција му замерува на Фицо што минатиот месец ја посети Москва и се сретна со претседателот Владимир Путин за да разговара за гасот, но не го посети Киев. Фицо ја обвинува опозицијата дека подготвува протести за преземање на власта, но Шимечка тоа го негира.
За време на својот мандат, Фицо ги посети и Кина, Бразил и Турција, водејќи надворешна политика во „сите правци“.