Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница излезе со огромен транспарент активна блокада за национален спас но и со порака дека тие ќе започнат да ги блокираат како што рекоа сите штетни закони и дека предвремените избори се излез.
Никола Мицевски, координатор на пратеничка група предводена од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница посочи дека активната блокада која што ја имаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа.
„Повикуваме на избори кои што ќе се излез од оваа криза која што вие ја продуцирате. Ова е она што граѓаните односно народот во државата го бара. Активна блокада за спас од национална катастрофа! Активна блокада за спас од понижувањето кое што го правите! Активна блокада за спас од лицемерието кое што го покажувате секојдневно на граѓаните! Активна блокада за спас на економијата! Активна блокада за спас на енергетиката! Активна блокада за спас на земјоделците! Активна блокада за спас на сите граѓани! Национална катастрофа сте вие, ова што се случува во државата е национална катастрофа“, порача Мицевски.
Мицевски укажа дека пратениците од владејачкото мнозинство нека започнат да си доаѓаат на време на седниците.
„Ние ќе бидеме активно присутни тука, ќе бидеме присутни за сите штетни политики кои што планирате да ги спроведете за да ги спречиме. Затоа што граѓаните и Македонија го бараат тоа. Активната блокада е излез од националната катастрофа која што вие ја приредувате во нашата држава“, нагласи Мицевски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери им прочита дел од Извештајот на Европскиот парламент каде се искажани позитивни мислења за работата на Собранието при што опозицијата постојано дофрлаше и коментираше.
„Ако блокадата на Собранието ви значи национален спас ова ќе го ценат граѓаните кои што не донесоа овде и ќе го ценат граѓаните чиј дом е ова. А ова не е ни мој ни ваш дом, ова е дом на граѓаните. Ако мислите дека така, продолжете така активно да блокирате, рече Џафери.
ВМРО-ДПМНЕ да си го закачи транспарентот во Белата палата до мермерите од 200.000 евра
ВМРО-ДПМНЕ не знае ниту што да направи ниту каде тера со блокада во Собранието, ја напуштаат собраниската сала затоа што се затечени од тоа што им прифативме предлози, рече денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
„Од 46 точки, имаат 37 предлози за дневен ред за дополнувања и измени. Очигледно ги збуни тоа што дел од предлозите им ги прифативме и пратениците мора да ја напуштаат седницата за да се договорат што да прават. Мора меѓу себе да се договорат кој која точка ќе ја предложи затоа што еве им ги прифативме предлозите. Ја напуштаат салата собраниска и не знаат што да направат веќе во Собранието.“ рече Митрески.
За транспарентите на опозицијата координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги однесат во белата палата.
„Овој транспарент („За спас од сиромаштијата“) пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го однесат во Белата палата, во дувлото на криминалот, на криминалната банда којашто ги опљачка, ги згази граѓаните и државата. Во палатата во која има теписони од 100.000 евра, плочки од 120.000 евра, мермери од 200.000 евра и таму ова да го закачат “ рече Митрески.