По разговорите со пратениците за промена на законските решенија наместо четири да полагаат два предмети, матурантите велат дека добиле поддршка од сите опозициски политички партии во Собранието, но не и од владејачката СДСМ, од каде сметаат дека измените мора да дојдат од МОН или Бирото за развој на образованието. Дел од нив и денеска продолжија со бојкот на наставата.
„ДУИ ќе не подржи да има дебата и да се дискутира темата на државната матура на владина седница. Потоа ако не помине и во Влада, доколку не се најде компромис помеѓу министерката и сојузот, тогаш последниот чекор е да се свика пленарна седница од страна на спикерот Џафери и да се гласа за предлог- законот“, истакна Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.
Според министерката за образование законот е дециден, роковите за пријавување матура се изминати и според тоа оваа генерација мора да ја заврши учебната година по сегашниот концепт. Сепак, Царовска остава можност за измени од следната учебна година.
„Јас како министерка за образование, не гледам како не би го почитувала законот кога ниту имаме вонредна состојба ниту имаме можност на владини седници донесуваме вакви одлуки. Законот е јасен и дециден а тоа значи спроведување на матура во наредниот период, заради тоа што државната матура е услов за запишување во високо образование“, вели Царовска.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека се во право матурантите, кои бараат олеснување, односно да полагаат два наместо четири предмети од државната матура. Пратеници од оваа партија веќе предложија законски измени, со цел да им излезат во пресрет на матурантите.
Дел од матурантите воопшто не го започнаа второто полугодие и велат дека бојкотот на наставата ќе трае најмалку до крајот на неделава.