По извршени консултации со граѓани, жители на улиците “Тодор Чангов”, “Ѓорѓи Капчев” и Реонски центар Аеродром, Советот на Општина Аеродром усвоил иницијатива со која бараат од Советот на Град Скопје да донесе одлука за враќање на старите имиња на улиците.
Ова го обелодени претседавачот со Советот на општина Аеродром, Дејан Митески.
-Со една непромислена одлука во март 2021 година, на предлог на Шилегов, се направи хаос во системот на имиња на улици, каде што повеќе од 80 улици во Лисиче беа преименувани. Искрено се надевам дека Советот на Град Скопје сериозно ќе ја разгледа оваа наша иницијатива и во најскоро време ќе донесе одлука за враќање на имињата на улиците, во интерес на жителите на овие улици, објави Митески на социјалните мрежи.
Пред речиси половина месец, во името на советниците на општина Бутел е покрената иницијатива до Град Скопје со која исто така се бара враќање на старите имиња на улиците кои гравитираат на територијата на Бутел.
Доставувањето на иницијативата го најави градоначалниот на Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, кој рече дека одлуката за промена на имињата „во минатото од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов и Советот на Град Скопје беше донесена одлука за промена на улиците. Своеволно без никаква консултација со граѓаните за свој личен интерес беше донесена таа одлука“.
Листата со нови 570 имиња на улици, мостови и плоштади во Скопје беше усвоена во февруари 2021 година, по што беше одобрена од Владата. Така се вратија старите имиња на Ленинова која во времето на ВМРО-ДПМНЕ стана Аминта Трети, Железничка која беше Јордан Мијалков, а 4 Јули Борис Сарафов. Се вратија имињата и на Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.