Доколку Ангелов ги познаваше законите ќе знаеше дека обврска на институцијата која тој ја води е да ги координира надлежните институции во процесот на управување со кризи. Координација помеѓу државните институции подразбира писмена комуникација, активна соработка и редовни состаноци, а не прес-конференции и јавни паради. Дополнително, Директорот на ЦУК треба да знае и дека надлежност за решавање на проблемот кој тој го посочи има исклучиво градот Скопје, велат од општина Аеродром како реакција на денешната прес-конференција на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој информираше за постоење на опасност на кејот на реката Вардар во Скопје, на потегот позади хотел Русија во насока на мостот Близнак.
Општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски прашува зошто ЦУК не презеле никакви активности при последните обилни дождови кои неодамна ја зафатиле токму општина Аеродром.
-Дополнително, пред јавноста треба да даде и одговор и на прашањето до каде е постапката за обесштетување на граѓаните кои претпреа материјални штети од последното невреме. Ова се многу посуштествени теми, во споредба со ланскиот снег и дождот во 2023 година за кои тој милува да говори, велат од општина Аеродром.
Од таму посочуваат дека системот за управување со кризи и потенцијалните опасности во него се решаваат со меѓусебна работа и координација, а не со прес конференции и паради во јавност.
-Ова не е Твитер и кршење керамиди. Станува збор за проблем, кој треба да го реши градот Скопје, а решавање го координира Центарот за управување со кризи. Поради ова уште еднаш апелираме сите институции да си ги извршуваат законските надлежности, да постапувааат согласно со законите и да внимаваат какви информации споделуваат со јавност. Споделувањето информации кои се неточни и непроверени може да предизвикаат непотребна паника и страв, што пак повлекува морална и кривична одговорност, стои во соопштението од општината.
Претходно Ангелов констатира дека постои провалија длабока триесетина метри и апелира до градот Скопје и општината Аеродром, во согласност со нивните надлежности, итно да постават соодветна заштитна ограда која ќе ја гарантира безбедноста на многубројните граѓани.
-Со огорчување сакам да укажам дека не треба да се чека некој да настрада, да загине или да се повреди, а потоа поттикнати од трагедијата да се обезбеди ова опасно место, рече Ангелов од лице место.