Општина Аеродром: Фонтаната во паркот Бојмија е цел на вандалски чин

од Andreja Salpe
332 прегледи

Откако опозициската ВМРО ДПМНЕ го обвини градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин за неквалитетно изградена фонтана во паркот Бојмија, денес со соопштение од Општината ги демантираат таквите наоди.

,,По повод секојдневните лажни обвинувања упатени до градоначалникот Златко Марин и неодамнешните тврдења дека фонтаната во паркот Бојмија е неквалитетно изградена, би сакале да информираме дека фонтаната во повеќе наврати е цел на вандалски чин. Деновиве е оштетен кабелот со сензор што дава сигнал до каде да се полни фонтаната со вода и токму поради тоа, водата истекува надвор од коритото. Водата во моментот е запрена и се врши санација на оштетувањето. Претходно беа оштетени две дизни на гејзери со што исто така се нанесе сериозно оштетување на фонтаната во овој парк. Оттука Општина Аеродром најостро ги отфрла лажните информации и шпекулациите што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, а кои единствено имаат цел да ја дискредитираат работата на градоначалникот Златко Марин. Општина Аеродром редовно ги санира оштетувањата и се грижи за целиот парк, но очигледно вандалите не запираат со несовесното однесување. Сметаме дека е крајно несериозно опозициската ВМРО-ДПМНЕ да излегува во јавност без претходно потврдени и проверени информации. Истовремено, прашуваме од каде ВМРО-ДПМНЕ дојде до информацијата дека фонтаната чини 720 илјади евра? Како Општина бараме од партијата да ни каже од каде ја извлекоа оваа сума за фонтаната, а во спротивно бараме јавно извинување”, стои во соопштението

Слични содржини