Општина Аеродром ќе го отстранува „Зимзоленд“ откако речиси две недели функционира без дозвола и потребна документација.
– Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација „Зимзоленд“. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема, велат од Општина Аеродром за Телма.
При вонреден надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Поради неисполнети хигиенски услови, изречени се парични казни.
– Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице организатор на манифестацијата ЗИМЗОЛЕНД. Нему покрај парична казна од 500 евра, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна, соопшти Агенција за храна и ветеринарство.