Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин денеска презентираше 12 краткорочни и долгорочни мерки против загаденоста на воздухот.

Посочи дека општина Аеродром за 20 пати го зголемила буџетот за заштита на животната средина, во споредба со минатата година. Конкретно, оваа година, рече градоначалникот Марин, имаме алоцирано 20 милиони денари за заштита на животна средина.
До крајот на годинава ќе се постават прочистувачи на воздух во сите девет занимални во детската градинка „Сонце“ како донација од АД Електрани на Македонија, додека на почетокот на 2018 година, општината ќе обезбеди прочистувачи на воздух за сите други градинки во Аеродром со средства од сопствениот буџет. Од 29 ноември општинските инспектори работат во две смени и викенди и тоа од 08:30 до 22 часот.
Од општината информираат дека извршен е надзор на 28 автосервиси и е констатирано дека сите имаат договори за преземање на маслото и посебни садови каде што го складираат. Исто така, се вршат вонредни и редовни контроли на градилиштата на територијата на општината. Се врши и контрола врз сите угостителски објекти на територија на општина Аеродром, со цел да се обезбеди евиденција за начинот на греење за секој од нив и да се утврди дали ги исполнуваат потребните еколошки критериуми.
Меѓу мерките е и набавка на филтри за оџаци или катализатор за горива за градинките и училиштата, кои сè уште се греат на нафта. Во меѓувреме изработуваат стратегија да се сменат системите за греење и да се постават енергетско ефикасни фасади на овие објекти.
Со помош на мобилна мерна станица ќе се мери квалитетот на амбиенталниот воздух на 25 локации во Општината, со цел да се утврад изворите на загадување. Соодветно добиените резултати, според можностите и во договор со секое домаќинство, Општината ќе ги нуди чистење оџаци, донации за еколошки огрев и субвенции за набавка на алтернативни системи за греење (инвертер-клима уреди, печки на пелети…)
Пократ тоа, ќе се засадат дрвја во урбаниот дел како дополнување на блоковското зеленило, а за набавка на нови дрвја општината предвиде осум милиони денари. Ќе се поставува еко-билборд на платото пред ТЦ „Бисер“, а се разгледуваат и други локации. Ќе има санкции за неодговорно одржување на јавните површини околу градилиштата, а доколку два последователни дена ПМ10 честички се присутни со над 200 микрограми на метар кубен, ќе има ограничување на работите на објектите каде што се гради.
Од општината најавуваат редовно чистење на јавните површини и понатамошно расчистување на дивите депонии и пилот проект: Aпликација на раствор со турбо-атомизери, кои што вршат прифаќање различни честички во загадениот воздух и нивно прилепување за подлогата преку распрскувачи.
Во тек се преговори со Министерство за животна средина и просторно планирање и УНДП за реализација на таканаречена улица со „нула емисии“, која вклучува промена на системи за греење и обезбедување енергетска ефикасност на одбрани објекти, информираат од општината.