Општина Центар е пионер во локалните иницијативи и практики на високопартиципативно буџетирање со умерен до висок удел на придонесот од граѓаните и бизнисите оценува УНДП во Извештајот за „Финансиско управување на локално ниво насочено кон граѓаните: пристап заснован врз податоци за позитивни отстапувања“.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски смета дека овие оценки на УНДП се однесуваат на досегашната работна практика на директни средби меѓу граѓаните и локалната власт за реално согледување на проблемите и нивно решавање. Тој смета дека овој начин на работа со кој се гради доверба меѓу граѓаните и локалните власти треба да биде следен и од другите општини.
„Мило ми е што моето инсистирање на лични средби со граѓаните наидоа на позитивни оценки од УНДП. Општина Центар според УНДП е меѓу најдобрите за финансиското управување на проекти насочени кон локалното население и за тоа се заслужни токму директните средби со граѓаните. Во текот на минатата година, но интензивно при крајот на годината кога се креираше буџетот за тековната 2023 имавме директни средби со граѓаните во повеќе населби каде ги претставивме буџетските трошења но и ги прашавме жителите за потребите и истите ги вградивме во буџетот за следната година. Општина Центар, јас и општинската администрација продолжуваме со нашата практика и директни средби затоа што тоа е начинот на реално согледување на состојбите во општината, за побрзо, поефикасно и локално делување за посочените проблеми“, смета Герасимовски.
Герасимовски истакнува дека со високи оценки УНДП ги оценува и вработените во одделот за финансиски прашања кои одржуваат висок степен на професионализам. Односно знаат кога треба да се каже „не“ на неостварливите иницијативи, со што одржува веродостоен локален буџет, избегнува натрупување на заостанати долгови и влегување во непозната финансиска територија.