Општина Центар ќе добие полициска помош за справување со прегласната музика во Капиштец

од Nikola Popovski
607 прегледи

Општина Центар ќе добие полициска помош и асистенција во справување со вандализмот, сообраќајниот хаос и прегласната музика во Капиштец, но и во другите населби во локалната самоуправа. Ова беше договорено со началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски на работниот состанок што се одржа на иницијатива на градоначалникот Горан Герасимовски.

Претставниците на МВР, меѓу другото беа запознаени со последните инциденти во населбата Капиштец, дивеењето на хулиганите и уништувањето на детските игралишта, демолирањето на уличното осветлување и ограбување на комуналниот пункт во вечерните часови. Општина Центар и официјално поднесе пријава до МВР, со пропратен материјал што би можел да помогне во истрагата. Договорено е полицијата да го зголеми присуството и патролите на терен.

Герасимовски на средбата го покрена и прашањето на локалите долж улицата Народен фронт, за прекумерната бучава и сообраќајниот метеж, за што беше поднесена и граѓанска петиција.

„Жителите на Капиштец побараа од нас да ги повикаме сите надлежни институции и министерства за да се стави крај на самоволието на угостителските објекти. Во таа насока со МВР договоривме да преземеме конкретни чекори за да им го вратиме мирот и на нив и на другите жители во општината кои имаат слични проблеми“, рече Герасимовски.

Во делот на сообраќајот и непрописното паркирање, договорено е Министерството за внатрешни работи да ги засили контролите на најфреквентните места и да биде обезбедена полициска асистенција за пајак службата на Општина Центар која ќе почне да делува и во трета смена, посебно во деновите пред и за време на викендите. Инспекторите на Општина Центар заедно со полицијата ќе делуваат засилено и во делот на регулирање на прекумерната бучава.

Слични содржини