Општина Ѓорче Петров демантира дека депонирала отпад нелегално и дека создавала диви депонии и ја оцени како „политички мотивирана“ денешната прес- конференција на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Според нив, тоа се „ловечки приказни“.
Општината реагираше со допис до медиумите откако Арсовска соопшти за еколошка катастрофа со истурање опасен отпад на приватна депонија во Ѓорче Петров каде што најчесто, како што рече, клиент била самата општина.
-Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии. Напротив, Oпштината го чисти таквото ѓубре. За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП Комунална хигена во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад. Големиот помпезен случај на Арсовска се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие. Ја разбираме потребата и жедта за политички пресметки и кавги на градоначалничката и намерата преку тоа да дојде до израз, бидејќи со работа и проекти тешко, но мора да потенцираме дека и оваа нејзина помпезна прес-конференција е промашена, пишува во реакцијата од Кабинетот на градоначалникот на Ѓорче Петров.
Според Арсовска, станува збор за детектирана еколошка катастрофа, која во општината се случувала на парцела од 4000м2 приватен имот и 5000м2 имот на државата, во непосредна близина на реката Лепенец.
Според градоначалничката, приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која е под истраги за други дела и на лице кое е вработено во општина Ѓорче Петров во секторот за финансии.
-Ова е еколошка катастрофа од прв степен, во заштитна зона, што се депонира покрај реката Лепенец. Лице кое на социјалните мрежи често може да се забележи во друштво на градоначалникот Александар Стојковски. Нема да дозволиме никој да ги труе скопјани. По неколкудневно следење, завчера ги фативме на лице место и спречени се во вршење на нелегалните активности, истакна Арсовска на прес-конференција, најавувајќи кривични пријави за сите инволвирани лица и општината.