Одговорен за еколошката состојба е секој граѓанин, институциите, вклучувајќи ја и локалната самоуправа. За жал, не можеме да прифатиме дека општините се најодговорни, затоа што најголемата одговорност е кај тој што ги води политиките, ги прави законите и ги спроведува, велат од општина Карпош за „Локално“ откако вчера министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини рече дека општините се должни да ги спроведуваат мерките за заштита на квалитетот на воздухот, а не Министерството за животна средина.
Од таму додаваат дека нивната работа не е да ја одржувааат хигиената, иако го прават тоа преку садење дрва и давање субвенции.
-Имаме и катастар на загадувачи, секојдневно инспекторите за екологија се на терен. Одговорно тврдиме дека Општина Карпош не е загадувач, туку ја загадуваат други. Немаме ниту една фабрика, сериозен оџак дими само од топланата која е на гас и многу малку граѓани кои се греат на цврсто гориво. За жал на само 17 километри е лоцирана цементарата на Титан во Генерал Јанковиќ., соседна општина во која голем дел од жителите се греат на дрва. Транзитот на возила од цела Западна Македонија речиси целосно транзитира низ Карпош. Ова се најголемите причини степенот на загадување да биде над дозволеното, појаснуваат од општината предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски.
Децидни се булеварите Илинден, Партизански одреди, Теодосиј Гологанов, секако и попречните Московска, 8-ми Септември и Рузвелтова се одлични коридори низ кои ветровите ја прочистуваат општината.
-Секоја година садиме дрва повеќе отколку што се исушиле. Вака предновогодишно би го замолиле министерот да изготви закони за поголеми овластувања на општините и инспекторите, а казните да ги изрекуваме и наплатуваме ние, а не министерството, затоа што никогаш не ги наплатуваат, ни рекоа од општината и го замолија министерот Нуредини „да им обезбеди законска можност со кои прекршителите нема да ги молиме, туку ќе ги санкционираме“.
Нуредини вчера на прес-конференција во Владата изјави дека општините се должни да имаат донесени оперативни планови за заштита на воздухот и дека тие се надлежни да ги спроведат мерките што се пропишани во тие планови и за подобрување на квалитетот и за дејствување при епизоди со зголемено аерозагадување. Тие како Министерство се должни да ги информираат општините кога е зголемено загадувањето, за што имаат државни мерни станици.
-Ние кажуваме кои се праговите на алармирање и општините мора да ги имплементираат препораките. Но, освен при загадување, тие мора да дејствуваат и во насока на инвестирање во јавни транспортни системи, во поголеми контроли во градежниот сектор, како и контроли во индустријата, не само во А-инсталациите, кои се под државен надзор, туку и во Б- инсталациите, кои се под општините, како и заедно да работат центалниот и локалните инспекторсати, рече Нуредини.
Н.П.