Општина Карпош демантира дека се планира изградба на населба налик „Белград на вода“

-Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги е опасна игра со јавноста која остро ја осудуваме, велат од администрацијата на градоначалникот Лукровски

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Општина Карпош

Општина Карпош преку соопштение тврди дека груба лага и манипулација се тврдењата за некакви проекти налик на искуства од други држави во регионот. Велат „ниту сме планирале ваков тип на урбанизација ниту планираме“.

-Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги е опасна игра со јавноста која остро ја осудуваме. Во име на транспарентноста и отворената комуникација која Општина Карпош ја води со граѓаните, по низата шпекулации и лажни вести кои се проширија, должни сме пред севкупната јавност да ги посочиме следните факти:

-Работиме на средување на урбанистичкиот хаос кој го наследивме во Општина Карпош

-Сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување

Сето ова е преземено со цел да се заштити интересот на граѓаните, развојот на зелениот простор во општината, хуманото уредување на просторот во рамки на законската регулатива, порачуваат од локалната власт.

Од Општината додаваат дека Карпош ќе се развива според потребите на карпошани и во директна консултација со карпошани.

-Новото раководство на општината ќе работи само и исклучиво во интерес на граѓаните на Општина Карпош. За сите информации кои произлегуваат од постапката за донесување на детален урбанистички план во иднина, преку анкети и сооштенија, навремено и транспарентно ќе бидат информирани граѓаните и пошироката јавност, стои во соопштението.

Во претходните денови, дел од медиумите објавија дека според неофицијални информации се планира изградба на две населби „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“ на просторот помеѓу булевар „Илинден“ и Вардар. Беше објавено дека инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанијата „Игл хилс“ од Обединетите Арапски Емирати, која го градеше „Белград на вода“.