Општина Карпош донесе одлука за прекинување на договорите за вработување на двајцата привремено ангажирани службеници, кои беа дел од вчерашниот немил настан. Тие ги повредија сите етички стандарди и норми за професионално и одговорно работење и однесување, стои во соопштението на општината.
Според нив, веднаш по немилиот настан, кој се случил надвор од седиштето на општината, локалната самоуправа ја контактирала полицијата и итната медицинска помош, со цел да бидат навремено преземени сите неопходни дејствија.
-Ова е констатирано и во записникот на полициските службеници. Општина Карпош во ниту еден момент нема да толерира неодговорност и непрофесионалност и ова јасно и недвосмислено го покажавме со брзата одлука за одговорност на општинските службеници“, велат од општината и додаваат:
-Кога станува збор за одговорноста и професионалноста на општинската администрација најдобро говорат домашните и меѓународните организации и институции. Општина Карпош е прогласена за најтранспарентна институција во Македонија, по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации – истражување поддржано и од УСАИД. Исто така, Државниот завод за ревизија, во неодамнешниот извештај констатираше дека Карпош испорачува најквалитетни услуги за граѓаните преку својата веб – страна. Несоодветното однесување на поединци, кои веќе не се дел од администрацијата, не може и не смее да го загрози угледот на општината, која изминативе четири години е пример за транспарентна и респонзивна институција. Впрочем, професионалноста се покажува и кога треба да се поведе постапка против оние кои згрешиле во рамки на институцијата. Карпош тоа го стори. Затоа што нема друга алтернатива, освен одговорно и професионално работење и однесување, стои во реакцијата на општината.
Вчера во општина Карпош се случил вооружен инцидент, во кој вработен во општината нападнал со нож сопруг на вработена, поради љубовни расправии. Според МВР, вчера во 11:30 часот било пријавено дека по претходна расправија С.А.(34) со остар предмет му нанел повреда на В.К.(37) двајцата од Скопје. Повредениот веднаш бил пренесен во ГОБ „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош.