Општина Карпош: Иницијатива за ревизија на ДУП-ови не може да се поднесе ад хок на самата седница на Совет

од Nikola Popovski
302 прегледи

Општина Карпош соопшти дека постојат две причини поради кои не биле поддржани предлозите за ревизија на два ДУП-а.

-Прво иницијатива за ревизија на ДУП-ови со која се суспендираат имотни права, а воедно и се кршат граѓански права, не може да се поднесе ад хок на самата седница на Совет. За оваа иницијатива е потребно сериозно образложение со однапред подготвен материјал кој треба да биде доставен најмалку седум дена однапред до советниците.

Второ, иницијативата е одбиена од формално правен аспект затоа што изгласаниот ДУП е со сила на Закон. Закон може да суспендира или да укине единствено Уставен суд и никој друг во државата. Советник нема ингеренции да суспендира закони затоа што со суспензијата на законите се предизвикуваат сериозни правни последници кои прават штета на граѓаните и општината. Доколку советниците на Левица однапред се консултирале со стручните служби ќе биле подготвени стручно, велат од општината и додаваат дека немаат намера да запираат или опструираат било каква иницијатива на советниците доколку се базира на правна основа.

Од Левица претходно соопштија дека ГРОМ и СДСМ се „здружиле“ во Карпош, поради тоа што Советот гласал против точките за ревизија на ДУП-овите.

-Интересен момент беше и синхронизираното гласање на советниците на ГРОМ и СДСМ што е малку зачудувачки откако во повеќе наврати претходно Стевчо Јакимовски ја нарекувше оваа партија предавничка. Со ова, уште еднаш се докажува дека советниците на другите политички партии немаат капацитет и намера да работат во интерес на жителите на Карпош. Советниците на Левица и натаму продолжуваат да ги користат сите можни механизми со цел исполнување на предизборната програма и ветувањата дадени изминатиот период, истакнуваат од партијата.

Слични содржини