Општина Карпош целосно ги демантира информациите дека ќе се урива дел од Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во овој дел, со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, врз основа на кој се носи и ДУП-от З 04, блок 5, се предвидува изградба на улица – сообраќајница. Таа улица, веќе постои во должина на картинг патеката и истата единствено ќе се продолжи и ќе се поврзе со булеварот „8 Септември“.
-Картинг патеката, тениските терени, базенот или пак спортската сала воопшто нема да бидат засегнати од урбанистичкото решение.Исто така, Нацрт Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, блок 5 воопшто не предвидува изградба на згради или објекти за домување во овој дел. Посочениот Нацрт ДУП не се однесува ниту на земјиштето кое е пред С.Ц. „Борис Трајковски“. Впрочем, за тоа земјиште нема важечки ДУП и во моментов не се работи на никаков урбанистички план за тој дел.
Општина Карпош, во изминативе четири години особено ја зголеми транспарентноста и вклученоста на граѓаните при носењето на детални урбанистички планови.Секој граѓанин кој има свои забелешки или сугестии за Нацрт ДУП-от Градска четврт З 04, блок 5 може да поднесе анкетен лист. Јавната анкета е отворена од 05.08.2021 до 06.09.2021 година, секој работен ден, од 07:30 до 15:30 часот, во просториите на општина Карпош. Значи, граѓаните имаат реален механизам во нивните раце да делуваат, да дадат коментари и сугестии на Нацрт ДУП – от. Оттука, повиците на ВМРО – ДПМНЕ за масовно присуство на јавната презентација се само јалов обид за собирање на политички поени.
Во овие четири години, јавноста никогаш не била исклучена од носењето на било која одлука на локално ниво. Ова го потврдува и фактот што општина Карпош е прогласена за најтранспарентна државна институција во Македонија, по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации (направен со поддршка на USAID), соопштија од оптшитна Карпош.