Општина Карпош: Повторно се чисти депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“

-Несовесни граѓани ја отстраниле рампата и продолжиле да го одложуваат отпадот на таа локација, велат од Општината

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, вчера биле на увид во комуналните активности кои се одвиваа во непосредна близина на спортскиот објект во населбата Карпош 3.

-Инаку, овој простор е постојана мета на несовесните граѓани, кои го одложуваат крупниот и кабастиот отпад на оваа локација. За таа намена Општина Карпош постојано го чисти овој простор, но за поголема ефикасност ја огради локацијата на која постави и рампа со официјално известување за забрана на одложување на отпадот.

И покрај сите апели на локалната самоуправа за одржување на чистата околина, несовесни граѓани ја отстраниле рампата и продолжиле да го одложуваат отпадот на таа локација, по што Општината веднаш реагираше со детална акција за расчистување на просторот.

Со оглед на тоа што овој проблем се провлекува повеќе години низ историјата на карпошани, градоначалникот Сотир Лукровски и директорот Данијел Апостолоски разгледуваат повеќе предлози за конечно надминување на овој горлив проблем, соопштија од Општината.