Општина Карпош: Владините институции го овозможуваат дивеењето на сопственикот на Луна паркот

од Nikola Popovski
548 прегледи

Општина Карпош за разлика од другите надлежни институции иако има минимални надлежности води постапка против диво поставениот луна парк кај базенот Борис Трајковски, велат од локалната власт предводена од Стевче Јакимовски преку соопштение.

Истакнуваат дека дивеењето и беззаконието на сопственикот на Луна паркот му го овозможуваат претставниците на надлежните владини институции.

-Истиот не поседува одобрение за работа ниту пак ги има потребните безбедносни сертификати со што не ги исполнува законските услови за да ја врши оваа дејност. Тоа значи дека безбедноста на граѓаните, а особено на младите лица е загрозена и можни се животозагрозувачки последици. Затоа општина Карпош апелира до сите граѓани, а особено до младите, да не го користат услугите на овој луна парк затоа што го доведуваат во опасност својот живот. Евентуалните последици заради непочитување на законските прописи и овој наш апел ќе ги сносат корисниците на услугите и неодговорниот сопственик на реквизитите, велат од општина Карпош.

Луна паркот пред спортскиот центар Борис Трајковски, иако без дозвола, се уште работи. Иако првично се најавуваше демонтажа на реквизитите, сепак тоа не се случи.

Од Град Скопје пред десет дена рекоа дека фирма од Чаир, „Дизниленд реквизити“, регистрирана пред еден месец, без соодветни документи и дозволи и без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред салата „Борис Трајковски“ и ги повикаа институциите да реагираат.

Слични содржини