Општина Карпош за трошоците на Јакимовски: Парите за „хотелски и угостителски услуги“ се изгласани од советот минатата година

од Nikola Popovski
193 прегледи

Објавениот договор за јавна набавка на услуги е годишен договор кој е дел од годишната програма за оперативни трошоци, за што се предвидени средства во Буџетот на општината за 2022 година, велат за „Локално“ од општина Карпош во однос на обвинувањата во медиумите дека градоначалникот Стевчо Јакимовски склучил договор со туристичка агенција за „Хотелски и угостителски услуги за потребите на општина Карпош“ и потрошил 700.000 денари во време на криза.

Од општината потенцираат дека како што е познато, буџетот за оваа година и програмите за работа се одобрени и изгласани од страна на советот на општина Карпош уште минатата година.

-Тогаш беа и јавно објавени на веб страницата на општината за граѓаните да имаат увид во истите, посочуваат од општина Карпош.

Кога се зборува за домаќинско и одговорно работење, од општината велат дека треба да се спомене дека Карпош е прва општина која воведе мерки за штедење на енергија за улично осветлување и таа одлука се покажа како исправна и навремена.

-Според мерењата на ЕВН, општина Карпош е лидер во Македонија по заштеда на енергија, која изнесува околу 50 проценти. До сега нема никакви индикатори за негативни ефекти од преземените мерки за штедење, потенцираат од администрацијата на Јакимовски.

Како што пренесоа неколку медиуми, вредноста на договорот на општината е 700.000 денари или близу 12.000 евра, со време траење од една година или просечно по 1.000 евра месечно за хотелски и угостителски услуги што ќе ги добива општината, односно градоначалникот, советниците и дел од вработените во администрацијата.

Во текстот на медиумите беше истакнато и дека „општина Карпош е една од првите општини која воведе сериозни рестрикции на уличното осветлување па веќе неколку месеци сите сервисни улици се неосветлени нарушувајќи ја општата безбедност на граѓаните“.

Слични содржини