Општина Кисела Вода поднесе прекршочна против „Комуналец“

од Nikola Popovski
39 прегледи

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски објави дека е поднесена прекршочна пријава против ЈП „Комунална хигиена -Скопје“. Како што вели градоначалникот, отпадот не се собира редовно и се шири неподнослива миризба во секоја општина, а од тоа не е искучок ниту Кисела Вода.

Поднесена е и казна од комуналниот инспектор до „Комунална хигиена“ во висина од 1.500 евра.

„Ова е резултатот на несовесното работење на ЈП ,,Комунална хигиена” и градоначалничката на Скопје кои се грижат за хигиената во главниот град.  Досега неколку пати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаа со проактивност од страна на ЈП ,,Комунална хигиена” кое сите граѓани на Скопје го плаќаме.  Бевте сведоци кога како градоначалници лани се обидовме да со собереме сметот што со недели стоеше на улиците, нема да дозволиме да се случи ова повторно“, посочу градоначалникот.

Тој додаде дека во нормалната комуникација немало никаква рекација од нивна страна и поради тоа бил испратен комунален испектор да ја провери состојбата на терен при што се увидело дека ситуацијата е катастрофална. Ѓоргиевски напомена дека секое непостапување од страна на „Комунална хигиена“ ќе значи нова прекршочна пријава.

Вчера „ЈП Комунална хигиена-Скопје“ најостро ги демантира наводите на градоначалникот на Општина Бутел, којшто на својот Фб-профил наведува целосни невистини поврзани со одржувањето на хигиената во оваа скопска општина.

-ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на скопската Општина Бутел комуналниот отпад континуирано се собира и транспортира без никаков застој, односно во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, усвоена од страна на Советот на Градот Скопје, порачаа од претпријатието.

Исто така од претпријатието ја демантира и изјавата на градоначалникот на општината Чаир, којшто, велат оттаму, наведува низа невистинити информации поврзани со активностите на претпријатието во оваа скопска општина.

-ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на општината Чаир, комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Само во текот на месец јуни 2024 година, од подрачјето на општината Чаир се подигнати и транспортирани вкупно 1500 тони комунален отпад, стоеше меѓу другото во уште едно соопштение од „Комуналец“.

Слични содржини