Општина Кисела Вода: Советници на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата за ребаланс на буџетот и за помош за децата на бранителите од 2001

од Nikola Popovski

Општина Кисела Вода денес испрати реакција до медиуми заради прекинот на седницата на Советот на општината, затоа што советници од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштиле седницата на која на дневен ред биле ребаланс на буџетот на општината, изградба на канализации, реконструкции на улици, изградба на градинка, но и финансиска помош за децата на бранителите од 2001 година.

Советниците, како што пишува во реакцијата на општината, пред сѐ водени од партиски интереси, целосно ги занемаруваат интересите на граѓаните.

„Со големо разочарување од однесувањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да ја известиме јавноста, а пред се жителите на општина Кисела Вода дека денешната, 43-та седница на Советот на општината беше прекината.

Водејќи се од лични теснопартиски интереси, советниците од опозицијата одлучија да ја напуштат седницата на која денес требаше да се донесат битни точки, пред се’, ребалансот на буџетот. Со овој дрзок чин, се оневозможува реализација на крупни проекти од сите сфери на живеењето, функционирање и развојот на општината.

Имено, советниците од ВМРО ДПМНЕ денес оневозможија изгласување на изградба на фекални канализации во повеќе урбани заедници, реконструкција на улици, ја одложија изградбата на детска градинка во населбата 11 Октомври згради, ги извисија дури и децата на загинатите бранители од 2001-та кои беа дел од денешниот дневен ред и на кои требаше да им се додели парична помош.

Зад маската на загриженост, лицемерно лажејќи ја јавноста, советниците на опозиционата ВМРО, ги казнија сите жители на општина Кисела Вода, науштајќи ја седницата, бидејќи знаеја дека ќе нема кворум поради тоа  што една од советничките од владејачката гарнитура доби заменик министерско место во новата Влада, што значи дека на оваа седница требаше да се верификува и нов советнички мандат.

Сакаме да ги прашаме овие лица кои се изгласани од народот да носат одлуки за народот, до кога заради ситни политички поени на нивната партија ќе ја блокираат работата на општина Кисела Вода? Дали не разбираат дека најважни се граѓаните, а не политичките гарнитури? Дека приоритет треба да има реализацијата на проектите кои имаат за цел да им обезбедат бенефит на жителите, а не евтиниот политички маркетинг диктиран од нивното партиско раководство?“, се вели во дописот до медиумите од општина Кисела Вода.

Слични содржини