Во врска со текстот објавен на порталот „Инфомакс“ под наслов „Општина Кочани набавува бадеми, лешници, виски, вино и останати производи за пола милион денари“, Општина Кочани ги информира граѓаните дека насловот на текстот и објавената фотографија се тенденциозни и извадени од контекст.
Тврдат дека јавната набавка за прехранбени производи и пијалаци претставува редовна и законска постапка, предвидена во Годишниот план за јавни набавки на Општина Кочани. Спецификацијата на производите е изготвена врз основа на реалните потреби на Општината, планирани во годишните програми и активности.
-Дополнително, станува збор за рамковна спогодба, што значи дека планираните средства не се трошат однапред и во целост, туку исклучиво по потреба и во согласност со реализацијата на активностите. Тоа подразбира дека не се нарачуваат сите наведени производи, ниту пак во обемот што тенденциозно се прикажува во текстот.
Производите опфатени во спецификацијата се наменети за:
• официјален прием на домашни и странски делегации,
• протоколарни подароци при посети,
• подготовка на пакети со храна при потреба од помош,
• подготовка на традиционални јадења во рамките на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, порачуваат од Општината.
Општина Кочани оценува дека оваа содржина на „Инфомакс“ преку насловот и фотографијата пласира зла намера за дискредитација на институцијата и за нарушување на угледот на локалната самоуправа.
-Јавна набавка за прехранбени производи и пијалаци распишува секоја јавна институција, што лесно може да се провери преку системот за јавни набавки, не само кај огласите туку и кај склучените договори во општините, министерствата и други јавни државни и општински институции.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов бара „Инфомакс“ да го објави демантот и да се извини за нецелосно и тенденциозно информирање, во спротивно ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за ширење лажни вести и дезинформации, како и за поттикнување говор на омраза по социјалните мрежи. Општина Кочани останува транспарентна во своето работење и секогаш подготвена да ѝ ја презентира вистината на јавноста, стои во соопштението на Општина Кочани.